Европската централна банка (ЕЦБ) планира до почетокот на следната година да бидат донесени сите клучни политички и законски одлуки што ќе овозможат започнување на проектот за дигитално евро. По усвојувањето на регулативата, се очекува дигиталната верзија на европската валута да стане достапна за граѓаните во рок од две до три години, изјави членот на Управниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне.
– Се надевам дека сè ќе биде завршено многу рано следната година. Донесувањето на законска рамка е неопходно, а потоа ќе имаме доволно време дигиталното евро да го пуштиме во оптек – изјави Чиполоне на финансиска конференција.
За разлика од традиционалните платежни картички како Visa или Mastercard, дигиталното евро би им овозможило на корисниците директни побарувања кон самата централна банка на еврозоната. Средствата би биле функционално и безбедносно слични на готовината, што значи дека граѓаните ќе можат да го користат дигиталното евро за онлајн и физички плаќања без посредници и без отворање банкарска сметка.
Дигиталното евро би се реализирало преку електронски паричник гарантиран од страна на ЕЦБ, додека оперативното управување би било во рацете на комерцијалните банки. Се очекува максималниот износ што корисниците би можеле да го чуваат во дигитален облик да биде ограничен на неколку илјади евра, за да се спречи дестабилизација на комерцијалниот банкарски систем.
Враќањето на Трамп го забрза развојот на дигиталното евро
Како што пренесуваат медиумите, политичките и финансиските промени што следеа по враќањето на Доналд Трамп на функцијата претседател на САД во јануари 2025 дополнително ги забрзаа напорите на ЕЦБ. Европа одамна се потпира на американски компании за процесирање на дигитални трансакции, што е безбедносен ризик во услови на геополитичка нестабилност.
Гувернерот на Централната банка на Франција, Франсоа Вилероа де Гало, изјави дека враќањето на Трамп „ја зајакна решеноста“ на ЕЦБ да продолжи со проектот, особено во светло на сè поголемата популарност на т.н. „стејблкоини“ – дигитални валути врзани за доларот.
ЕЦБ смета дека масовното прифаќање на вакви дигитални средства за плаќање би можело да предизвика масовно повлекување на пари од традиционалните банки, со што би се загрозила стабилноста на европскиот финансиски систем.
Политички консензус до лето, законски процес до крајот на годината?
Клучна пречка останува постигнувањето договор меѓу земјите-членки на Европската унија. Чиполоне верува дека политичкиот договор може да биде постигнат уште до лето, но предупредува дека законодавните процедури во Европскиот парламент би можеле да траат подолго.
И покрај бавниот напредок во претходните години, поради недостиг на правна основа, ЕЦБ сега има дополнителен мотив да го активира проектот за дигитално евро со полна брзина и да го заштити европскиот финансиски суверенитет во дигиталната ера.