Професорот Чулев: Со новиот концепт, при образование ќе бидеме необразовани

Соња ТАНЕСКА

Професорот по филозофија Ристо Чулев од СУГС „Георги Димитров“ остро ја критикува новата концепција за гимназиско образование, предложена од Министерството за образование и наука (МОН). Според него, укинувањето на предмети како филозофија, социологија и етика ќе има сериозни последици врз знаењето и критичкото размислување на учениците.

„Ќе изгубат право на квалитетно образование, ќе изгубат знаење да станат квалитетна личност, стабилна, одговорна, критична и среќна личност со овие промени“, вели Чулев.

Тој нагласува дека аргументот на министерството, дека укинувањето на овие предмети или пак сместувањето на истите во изборни предмети, ќе поттикне критичко размислување, е контрадикторен.

„Како ќе се постигне критичко мислење, ако се укинат предметите што го развиваат критичкото мислење? Тоа е невозможно! Философија значи љубов кон мудростта, кон вистината. Философијата те учи да осознаеш вистината и да ја примениш вистината. За мир, за среќа, за радост, за хармонија со себе и хармонија со општеството, со светот. Еден филозоф пруски, Вилхем вон Хумбoлт, вели „Сите човечки знаења, вештини треба да бидат употребени во една целина“. Значи, неговиот лозунг е „Знаеањето е сила, а образованата личност е моќна слободна, образована. Тој го зема мотото на Френсис Бејкон, ама во основа е тоа и на Платон. Целосно образование за благосостојба на личноста, а за тоа е потребно да се обединат сите дисциплини.

Според Чулев, со елиминирањето на овие предмети, учениците ќе бидат лишени од суштински знаења за општеството.

„Како ќе научат што е општество и како функционира, ако не учат социологија? Како ќе развијат морални вредности, ако не учат етика?“, прашува Чулев.

Тој исто така ја критикува праксата учениците во прва година да бидат прашувани дали сакаат да изучуваат одредени предмети без претходно искуство со нив.

„Како може да се прашаат деца од прва година кои никогаш не учеле филозофија или етика дали сакаат да ги учат? Врз основа на што ќе одлучат?“, вели тој.

Според него, реформите ќе создадат неквалитетен образовен систем.

„Не знам која е им е намерата, ама имплицира дека ќе има неквалитетно образование. Значи според мене и според многу мои колеги, неквалитетно образование само учење со меморирање, повторување, овие служените учења ќе бидат изоставени, знаењето за општествените науки ќе бидат изоставени, процесот на учење, вештините на учење ќе бидат отстарнет. Според мене при образование ќе бидеме необразовани. Не е опција разумот да биде опција во овој контекст., додава професорот.

Вистинска реформа според професорот Чулев треба да почне од лажните вредности во општеството.

-Не може, например, сите да бидат петки. Сите оцени на сите ученици да бидат петки. Невозможно е. Тоа е лажна вредност. Лажна вредност е ученик со 200 изостаноци да може да помина одличен. Лажна вредност е да не доаѓаат редовно на час, да доцнаат, појаснува тој.

Чулев повикува на јавна расправа и вклучување на сите засегнати страни.

„Ова не е проблем само на наставниците, туку на целото општество. Институциите како МАНУ, УНИЦЕФ, Детската амбасада, како и родителите, мора да реагираат. Тие имаат одговорност за иднината на своите деца“, порачува тој.

Што велат учениците?

На оваа тема разговаравме со две ученички од прва година на факултет, кои во средното образование ги изучувале предметите философија, етика, социологија.

Според нив овие предмети навистина им овозможиле да развијат слободна мисла и да научат многу социјални вештини кои ќе ги применуваат и понатаму во своето образование но и во секојдневниот живот.

Мила Игнатоска, студентка по молекуларна биологија на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија, нагласува дека врската меѓу природните науки и етиката е клучна за иднината на науката. Таа планира кариера како генетичар и верува дека образовниот систем треба да поттикнува критичко размислување и љубопитност.

„Треба да се најдат начини како да се врати желбата кај учениците да одат во училиште. Јас на овие часови почувствував дека на некој начин сум ја загубила креативноста што ја поседував како дете, сум престанала критички да размислувам затоа што нашиот образовен систем не има направено на некој начин роботи коишто само треба да одат во училиште и со сила да ги учат предметите.“ вели Игнатоска, укажувајќи дека тековниот образовен систем . Таа истакнува дека во образовниот процес учениците се фокусираат на меморирање, наместо на разбирање и критичко размислување.

За неа, часовите по филозофија и логика биле освежување во строго дефинираната наставна програма. „Зошто овие предмети да се изучуваат само во завршните години и како изборни? Тие беа единствениот простор каде што можевме да размислуваме слободно,“ вели таа.

Според Игнатоска, главниот проблем е што учениците учат за оценки, а не за знаење.

„Образовниот систем создава генерации што се натпреваруваат за повисоки оценки, а не за реално разбирање. Обесхрабрувачки е и кога сите добиваат петки, без разлика на вложениот труд,“ предупредува таа, потенцирајќи ја потребата од реформи кои ќе стават акцент на суштинското знаење, а не само на оценките.

Образовниот систем треба да ги подготви младите за критичко размислување, отвореност кон различни мислења и градење на интелектуална самостојност, но според студентката Мила Степаноска од Американ Колеџ – Скопје, тоа често не е случај. Таа посочува дека проблемот лежи во неконзистентноста на наставните програми и начинот на кој се вреднува знаењето.

„Една работа што би ја издвоила е транзицијата на материјалот од година во година. Сметам дека програмите не се регулирани како што треба. Досега немавме анкета за клучни предмети кои имаат огромна улога во развојот на размислувањето кај секое дете. Овие предмети се важни затоа што учениците доаѓаат до точка каде што треба да научат да дискутираат на било која тема, да прифаќаат критика и да разберат дека различните мислења не се закана, туку предност во општеството,“ вели Степаноска.

Таа нагласува дека ваквиот пристап кон наставата имал позитивни моменти, особено преку интерактивни методи на предавање.

„Секој час професорот воведуваше различни иницијативи, вежби – индивидуални или во група. Имавме дебати со соучениците, каде што споделувавме различни ставови и се обидувавме да се ставиме во позицијата на другиот за да разбереме како тој гледа на нештата. Не сме сите исти, сите различно размислуваме, бидејќи секој од нас има различно животно искуство. Нормално е дека истите ситуации секој ги толкува на различен начин, бидејќи сме индивидуи,“ додава таа.

Нејзините забелешки ја отвораат темата за потребата од реформи во образовниот систем, со цел фокусот да се префрли од механичко учење и собирање оценки, кон критичко размислување и вистинско стекнување знаење.

Како министерството ја брани својата концепција

Од Министерството за образование и наука претходно истакнаа дека реформите имаат цел да создадат модерен и инклузивен образовен систем, кој ќе ги подготви учениците за предизвиците на иднината.

Според министерката за образование и наука, Весна Јаневска целта на реформата е да се стави фокус на афинитетите на учениците, што ќе доведе до подобар успех и развој на македонското образование.

Таа се осврна и на прашањето за укинување на предметите Етика и Логика, нагласувајќи дека тие не се укинуваат, туку ќе бидат дел од предметот Филозофија во 3. и 4. година.

„Не се укинуваат предметите. Во рамките на Филозофија, со два часа неделно, ќе се предаваат и Етика и Логика. Ако професорите имаат своја иницијатива за наставната програма, Министерството нема да се меша во тоа што ќе вметнат. Предметите Етика и Логика ќе бидат дел од Филозофија, а во 3. и 4. година ќе бидат изборни предмети. Учениците ќе изберат два предмета од група на шест, и два од друга група, во согласност со нивните интереси,“ објасни Јаневска.

Министерката додава дека се концептот во следниот период ќе се доработува со Бирото за развој на образованието.

Зачлени се на нашиот е-билтен