„Не верувам дека уставните измени со одложено дејство ќе бидат прифатени,“ изјави Томас Вајц, новиот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, на средба со македонски новинари во Стразбур.
Австрискиот европратеник од Зелените посочи дека уставните измени се неопходни за напредок во евроинтеграциите, но предупреди дека гаранциите за недополнителни барања од Бугарија се клучни за доверба во процесот. „Без гаранции, Владата тешко ќе може да ги убеди гласачите,“ рече Вајц.
Според него, иако е легитимно Владата да бара јасност за идните барања, моделот со одложено дејство е малку веројатен за успешна реализација.
Вајц оцени дека Северна Македонија напредува подобро од другите земји од регионот, но имплементацијата на реформите останува предизвик. „Историскиот напредок што сте го постигнале е значаен, но треба да се избегнува долгото чекање за судски постапки, бидејќи тоа не е реформа,“ истакна Вајц.
Поддршка од новата еврокомесарка
Во однос на новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, Вајц изрази уверување дека таа ќе биде клучен партнер за регионот. „Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, има реални шанси за членство во ЕУ во следните години,“ заклучи Вајц.
Соња Танеска