Во Европскиот парламент, претседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет меѓу Северна Македонија и ЕУ, Карло Веслер, порача дека разликите меѓу Македонија и Бугарија нема да се решат со „магично решение“. Тој истакна дека ЕУ може да посредува, но решението мора да дојде преку директен договор меѓу двете земји, преку отворен и конструктивен дијалог.
Веслер нагласи дека уставните измени се услов за продолжување на преговорите. Иако постои можност за креативно решение, тоа би било прифатливо само ако го поддржи Бугарија. Европскиот совет нема ентузијазам за повторно отворање веќе решени прашања, а изгледите за нов договор се минимални.
-Ова е билатерално прашање и мора да се реши меѓу двете земји. ЕУ може да биде само помагач, медијатор или олеснувач. Ние ќе работиме, секако, низ отворен и конструктивен дијалог да најдете излез од оваа ситуација“, порача Веслер
Други извори од ЕУ посочуваат дека успехот на преговорите зависи од флексибилноста на Софија. И покрај тоа, во ЕУ опаѓа ентузијазмот за проширувањето, вклучително и за Украина, што ја комплицира ситуацијата за Македонија.
Во однос на блискоста на македонскиот премиер со Виктор Орбан, ставовите во ЕУ варираат. Левицата го гледа ова како пречка, додека десницата не го смета за значаен фактор. Веслер, сепак, повика Македонија да ја искористи моменталната геополитичка ситуација во своја корист.
Иако преговорите се во застој, според Веслет ЕУ останува посветена на помош за евроинтеграциите, бидејќи мнозинството македонски граѓани ја поддржуваат идејата за членство.
С.Т.