Што се случи со Рамазанската и Велигденската кошничка?

Почнувајќи од петок, трговците на мало ќе имаат законска обврска јавно да ги објавуваат цените на своите производи на сопствените веб-страници и да ги ажурираат секој ден најдоцна до 10 часот наутро. Овие информации ќе треба да бидат поставени во посебен дел од веб-страницата, достапен без потреба од регистрација или дополнителна најава.

Оваа новина произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачите, кои стапија на сила на 4 март. Според законските одредби, сите трговци на мало и големо добија рок од 45 дена од објавувањето на законот во Службен весник да започнат со јавно објавување на тековните продажни цени.

– Согласно законските измени и Правилникот што го изготви Министерството за економија и труд, од 18 април секој трговец ќе мора да ги објавува цените на својата веб-страница, истакна министерот Бесар Дурмиши на денешната прес-конференција.

Владата досега спроведе неколку неуспешни мерки за ограничување на цените на основните прехранбени производи, особено за време на празничните периоди. Меѓу овие мерки беа и т.н. „Новогодишна кошничка“ и „Есенска кошничка“, кои имаа за цел да ги намалат трошоците за живот на граѓаните.​

На пример, во декември 2024 година, Владата најави можност за ограничување на маржите и цените на прехранбените производи кои не беа дел од „Новогодишната кошничка“, доколку трговците не покажат општествена одговорност и не ги намалат цените. Оваа мерка беше воведена во соработка со трговците и производителите, со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните за време на новогодишните и божикните празници.​

Во септември 2024 година, Владата донесе одлука за ограничување на бруто профитната маржа на дел од основните прехранбени производи до 10% и во трговијата на големо и во трговијата на мало. Оваа мерка беше воведена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, кои покажаа значително зголемување на трошоците за храна и безалкохолни пијалоци.​

Сепак овие две мерки не помогнаа многу во намалување на цените иако власта ги оцени како успешни, но за да бидат задоволни граѓаните тие ветија и потрошувачки кошнички за празниците.

Владата исто така не ги промовираше „Рамазанската“ и „Велигденската“ кошничка, кои беа најавени како помош за граѓаните во тие празнични периоди.

На крајот на април пак 2025 година, истекуваат одлуките за ограничување на бруто профитната маржа на основните прехранбени производи и дел од средствата за хигиена и одлуката за утврдување на највисоки цени на осум групи на прехранбени производи завршуваат на крајот на овој месец. Дурмиши вели дека ќе се следи ситуацијата и доколку има потреба, ќе бидат донесени други мерки.

Според него, двете мерки ги дале очекуваните резултати затоа што според податоците на Државниот завод за статистика во март инфлацијата бележи намалување на годишно ниво од 2,7 проценти, а во однос на февруари дефлација од 1,3 проценти. 

Зачлени се на нашиот е-билтен