Станков: Приоритет ни е да завршат обдукциите за да може роднините да ги подигнат телата

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, во изјава за МИА објасни дека приоритетна задача во моментов е завршувањето на обдукциите и идентификацијата на жртвите од трагичниот пожар што избувна рано утрото во неделата во кочанската дискотека „Пулс“. Станков истакна дека ова е комплексен процес кој вклучува две паралелни постапки: обдукција и ДНК анализа, кои се основа за целосно утврдување на идентитетот на жртвите.

„Работиме со планирано темпо. Обдукциите се извршуваат паралелно со ДНК анализите. Овие две постапки не се поврзани само со обдукција, туку и со детални генетски анализи кои се важни за потврдата на идентитетот на секоја од жртвите“, рече Станков.

Тој додаде дека за да се направи точна идентификација на жртвите, собрани се ДНК материјали од роднините на починатите, кои ќе служат за споредба. Овој процес е неопходен за да се осигура точноста на идентификацијата и да се обезбеди соодветно посветување на секој случај.

„Идентификацијата на жртвите не се одвива само преку обдукција, туку и преку ДНК анализи. Собрани се ДНК материјали за споредба од роднините на починатите. Ова е двојна постапка што треба да се заврши за да може роднините да ги подигнат телата“, нагласи Станков.

Тој истакна дека за жал, не може да се точно предвиди кога процесот ќе биде завршен, но сите вклучени институции работат со максимално темпо за да се заврши што побрзо. Главниот приоритет во овој момент, како што подвлече Станков, е да се обезбеди дека сите постапки ќе бидат довршени на најдобар можен начин, за роднините на жртвите да можат да ги подигнат телата и да се започне со соодветен процес на погребување.

Зачлени се на нашиот е-билтен