Во светот на науката и технологијата, малите чекори често водат до големи промени. Ова е приказна за визијата на Никола Стиков – електроинженер кој комбинира мотивација, знаење и интердисциплинарна соработка за да создаде технологии што менуваат животи. Од развојот на магнетната резонанса, преку „Буки“ – алатка за транскрипција на македонски говор, до имплементација на вештачка интелигенција, неговата работа сведочи за моќта на иновациите.
Особено место зазема фондацијата „Кантарот“, предводена од неговата сопруга Драгана, која ги обединува македонските научници во странство и го поттикнува интересот за науката кај најмладите.
Соња ТАНЕСКА
Стиков е професор на Политехничкиот универзитет на Монтреал, Канада, истражувач, иноватор, писател, блогер и твитерџија. Од неговите средношколски денови во гимназијата „Корчагин“ во Скопје, каде што имал сон да стане прочуен физичар, преку студиите на Стенфорд, до успешната научна кариера во полето на магнетната резонанса и улогата на професор на Институтот за биомедицинско инженерство, Стиков ја создаде својата патека како лидер во науката и иновациите.
Тој за Рацин.мк ги сподели своите искуства врзани за вештачката интелегинција и нејзините нишки поврзани со медицината, како и новата алатка која ја создал заедно со тимот за транскрипција на македонскиот јазик „Буки“
Вештачката интелигенција (ВИ) претставува технологија која извршува задачи што досега се сметаа за домен на човечката интелигенција, како што се учење, размислување и препознавање. Иако за многумина оваа технологија изгледа како нешто ново и револуционерно, нејзините корени се значително подлабоки и датираат уште од средината на минатиот век.
-Приказната за вештачката интелигенција започна уште во 50-тите години на 20-тиот век, кога беше поставен концептот на туринговиот тест. Основната идеја беше да се создаде технологија со која нема да можеме да разликуваме дали разговараме со човек или со машина,“ вели Стиков. „Првите обиди, како што беше тестот Елиза, се засноваа на комуникација со компјутер за да се детектира дали тој може да симулира човечка интелигенција, вели Стиков.
Тој додава дека денешните достигнувања во оваа област се резултат на децении истражување и развој.
–Она што сега го гледаме е кулминација на долг процес. Имавме период познат како ‘зима на вештачката интелигенција,’ кога оваа област не добиваше доволно внимание и инвестиции. Но, со иновациите на научници како Јошуа Бенџио и неговите колеги, кои ја добија туринговата награда, станавме свесни дека е време за следниот голем чекор, додава Стиков.
И покрај сите напредоци, иднината на вештачката интелигенција е неизвесна.
–Тешко е да се предвиди кој ќе биде следниот голем чекор. Историјата е полна со примери на луѓе кои се обидувале да го предвидат развојот на технологијата, а потоа времето покажало дека не биле во право, нагласува Стиков.
Сепак, тој е оптимист и не гледа причина за страв.
-Нема место за алармизам околу вештачката интелигенција. Таа дефинитивно ќе го смени начинот на којшто работиме и живееме, но на долг рок, човечката уникатност ќе остане централна, а ВИ ќе продолжи да биде алатка за поддршка и напредок, појаснува тој.
Покрај технолошкиот развој, Стиков предупредува на централизацијата на информациите како поголем проблем.
Големите центри за обработка и тренирање на податоци создаваат огромни концентрации на моќ. Ова е особено карактеристично за вештачката интелигенција, бидејќи за нејзин развој се потребни масивни ресурси и инфраструктура, објаснува тој.
Како противтежа на овој тренд, тој го посочува потенцијалот на децентрализираните технологии, а потребно е да размислуваме пошироко и подолгорочно.
-Технологии како блокчејнот и биткоинот, кои функционираат на принцип на децентрализација, би можеле да ја предводат следната голема технолошка револуција.Трендовите се многу посилни од моменталните случувања. Историјата се случува во долги временски рамки, па мораме да зборуваме за тоа како ќе изгледа светот за 50 години, а не само за следните четири за време на владеењето на Трамп, заклучува Стиков.
Технологија која го менува светот
Јас сум електроинженер кој работи на интердисциплинарно поле. Соработувам со радиолози, физичари и податочни научници за да развиеме технологии кои на почетокот од векот воопшто не беа замислени како алатки за снимање на човечкото тело. Еден од најголемите успеси на современата наука, магнетната резонанца, започнала како технологија за карактеризација на молекули. Во 60-тите и 70-тите години оваа технологија доживеа експлозивен развој, за што беа доделени и неколку Нобелови награди,“ додава тој.
Стиков го нагласува значењето на магнетната резонанца како безбедна и корисна алатка.
-Нема несакани ефекти – можеме да скенираме здрави луѓе, а технологијата се користи не само за медицински цели туку и за да се разбере функционирањето на човечкиот мозок. Јас не сум оној што истражува како функционира мозокот, јас сум оној што ја развива технологијата и им помага на лекарите и невронаучниците да ја применат, објаснува Стиков.
Според него најважните аспекти во истражувањата се конзистентност на податоците и информациите.
Скенерот за магнетна резонанца мора да дава исти резултати и во Скопје, и во Монтреал, без разлика дали е произведен од General Electric, Siemens или Canon. Ако тоа го постигнеме, ќе можеме да ги храниме податоците во вештачка интелигенција, што ќе ни овозможи дијагнози и прогнози со невидена прецизност, вели тој.
Кои се разликите во образованието во Македонија и Канада?
Иако заминал од Македонија во 90-тите, Стиков се враќа преку соработки со македонските универзитети, а на ФИНКИ го предавал предметот истражувачка методологија.
-Забележав дека студентите ретко поставуваат прашања – мора да ги поттикнете да размислуваат критички, а не само за оценки. Западниот образовен систем нуди различен пристап, со оценување базирано на гаусовата крива, кое го стимулира натпреварувачкиот дух. додека бев професор на ФИНКИ на студентите им дадов испит каде сè беше дозволено – книги, препишување – но им објаснив дека просекот ќе добие седумка. За повисоки оценки, мора да бидат подобри од врсниците. Прво беа скептични, но потоа разбраа дека вистинскиот успех е да бидеш подобар од средината,“ објаснува тој.
Тој вели дека во Македонија имаме студенти и професори кои се подобри од светскиот просек.
-Тоа се луѓето со кои сакам да работам,“ заклучува Стиков. Неговото искуство е пример за тоа како знаењето стекнато во светот може да се искористи за развој на науката и образованието дома.
„Буки“ – Иновација што го слуша и разбира македонскиот јазик
Буки“ е алатка за транскрипција на македонски говор, со огромен потенцијал за различни професии и ситуации, за лица со попречености кои не можат да користат тастатура, за новинари, судии и радиолози, чија работа зависи од точноста и брзината на транскрипцијата. За дигитализација на архивите од Радио-телевизија на Македонија, што моментално се недостапни за пребарување поради аудио форматот.
Со „Буки“, аудио снимките се претвораат во текст, олеснувајќи пребарување, анализа и пренос на информации.
-Секој значаен проект започнува од лична мотивација. Можеме да зборуваме за тоа дека сакаме да направиме нешто за државата, но секогаш сè започнува од личен порив, вели Стиков кој е и иницијатор на проектот „Буки“.
Личната желба, гладот за иновации и дури и инаетот може да создадат нешто со поширока општествена вредност. Таква е и приказната за „Буки“ – иницијатива што произлезе од фондацијата „Кантарот“, која години наназад се занимава со организирање на македонските научници во странство и популаризација на науката за најмладите преку програмата „Наука за деца“.
-Буки“ беше чекор што требаше да се направи одамна. Не бев најквалификуваниот да го реализирам проектот, но знам да најдам добар тим и да им се тргнам од патот. Тимот што го реализираше проектот беше составен од врвни професионалци, проф др Илина Јакимовска и проф.др Ордан Чукалиев од УКИМ, како и Дејан Порјазовски, истражувач во Финска, кој се занимава со транскрипција на мали јазици. Откако беше обезбеден пристап до архивите на Институтот за етнологија и антропологија, започна и кампањата „Донирај глас“, преку која граѓаните придонесоа со свои говори за развој на „Буки“, објаснува тој.
Иако изгледа како револуција, вели Стиков, за „Буки“ биле користени веќе постоечки технологии од компании како Meta и OpenAI, кои биле прилагодени со додавање на неколку стотина часа македонски говор. Резултатите беа извонредни – „Буки“ надмина многу од постоечките модели, станувајќи прецизен и функционален за македонскиот јазик.
Иако „Буки“ е отворена технологија и достапна за државата, идниот чекор е нејзина комерцијализација. „Се надевам дека во 2025 година некој ќе го препознае потенцијалот на „Буки“ и ќе направи нешто што ќе биде од корист за сите во Македонија, порачува Стиков.
Вештачката интелигенција претставува една од најзначајните технологии на денешницата. Иако носи нови предизвици, таа исто така отвора огромни можности за напредок, а нејзиниот развој ќе продолжи да ја обликува иднината на човештвото.