Иако Тетово е еден од најголемите градови во земјава, тој нема градски парк. Еколошките активисти со години бараат локалните власти да најдат решение, но тоа не е приоритет на локалната власт, иако во изборната програма ветуваа проширување на зелените површини. Градоначалникот на Тетово вели дека со усвојување на новиот генерален урбанистички план ќе се изгради парк, но тој не се очекува да биде завршен годинава, пишува Порталб.мк.
Освен што нема градски парк, и оние неколкуте мали паркови што ги има градот не се одржуваат редовно.
Постоењето на еден јавен парк не е луксуз, туку подразбира подобар квалитет на животот на граѓаните. Вака за Порталб.мк велат од иницијативата „Подобро за Тетово“ (ПЗТ).
Оттаму велат дека Тетово не само што останува без парк, туку за жал ги губи и малкуте јавни површини што му останале.
„Наместо да се заложат за создавање на зелени површини и подобрување на квалитетот на животот во еден град кој има сериозни проблеми со аерозагадувањето, властите продолжуваат да водат политика на системско уништување на јавните површини. Со години без престан продолжува сечењето на дрвјата на овие простори, отворајќи пат за нови градби, без никаков урбанистички план кој води сметка за животната средина и потребите на заедницата“, велат од ПЗТ.
Додаваат дека се сведоци на продажба на јавни површини за смешни суми, кои всушност им припаѓаат на сите граѓани.
„Оваа состојба не само што е неприфатлива, туку е урбана трагедија која сериозно ја оштетува иднината на Тетово“, додаваат од ПЗТ.
Пред три години, во 2022 година, беа предложени две идеи за градскиот парк во Тетово. Првата од иницијативата „Teтово сака парк” за паркот од 16 хектари на влезот во градот. Според планот, паркот е предвидено да се изгради од десната страна на булеварот „Видео Смилевски-Бато“ од раскрсницата со улицата „29 Ноември“, улицата „Борис Кидрич“, како и од левата и десната страна на истиот булевар до крстосницата со улицата „Пиш“ или зоната позната како Спортски центар, парк на жената, Монопол и просторот „Шик Јелак“. Идејата за овој градски парк опфаќа четири урбанистички блока и за ова е неопходна промена на генералниот урбанистички план.
Втората идеја беше на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, за трансформација на Градската Касарна во парк. Тој од тогашната централна власт побара овој простор да и се даде на општината со цел да се трансформира во парк. Но, ниту една од овие две идеи сè уште не е реализирана на терен.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, на прашањето на Порталб.мк за овие две иницијативи, нагласи дека за овие две идеи продолжуваат да се разговара како за идеи, без да каже конкретно кога ќе се реализираат.
„За овие две локации во преговори сме со Владата да се создадат вакви простори, и ако имаме конечно решение јавните објекти да бидат кај Шик-Јелак, тогаш ќе продолжиме со иницијативата Градската касарна да биде градски парк, ако се донесе одлука за идејата институциите да бидат сместени во градската Касарна, тогаш има можност за мал парк кај Шик-Јелак, иако тоа место не ги исполнува условите за еден поголем парк“, рече Касами.
Тој додаде дека двете локации се во комбинација за овие две намени кои се повеќе од неопходни за Тетово. Тој нагласи дека оваа идеја продолжува и дека имаат поддршка од Владата каде што се во фаза на изнаоѓање на едно формално законско решение. Решението се очекува да се донесе по усвојувањето на новиот генерален урбанистички план за градот.
„Во однос на овие две локации, тоа се прашања кои треба да се решат со генерален план, врз основа на јавната расправа што ќе се одвива врз основа на генералниот план, ќе се утврди која од овие локации е посоодветна за јавни институции, а која за парк. Она што можам да гарантирам е дека и двете локации ќе бидат простори во интерес на градот“, рече Касами.
Новиот генерален урбанистички план за градот се очекува да биде усвоен следната година, 2026, по локалните избори кои се очекуваат да се одржат на есен оваа година. Инаку, во изборната програма 2021-2025 година, со која градоначалникот на Тетово Биљал Касами настапи и победи на последните локални избори, меѓу другото споменува и изградбата на пазари за продажба на земјоделски производи.
Во делот за урбанизмот, конкретно на страна 22, стои дека Урбанистичкиот план ќе се ревидира и проширува за да се овозможи изградба на станбени комплекси, па дури и деловни центри, според стандардите и во кои најмалку 1/3 од просторот ќе бидат зелени површини и рекреативни површини. На страна 26 пак тој ветува: Среднорочен план за проширување на зелените површини. Но, и по три години и неколку месеци од доаѓањето на Касами на чело на општина Тетово, на терен не е реализирано ништо од овие точки од изборната програма.
Извор: Мета.мк