Турските државјани се на врвот на листата по бројот на дозволи за привремен престој на странци издадени во Македонија во 2024 година, покажуваат податоците што ги доби Skopje.IN од Министерството за внатрешни работи.
Вкупно 5.644 лица од Турција добиле вакви дозволи, а најчести причини се за студирање (2.408 лица) и вработување (2.247 лица). Дополнително, издадени се 578 дозволи за семејно обединување, а 219 по основа на член на семејство.
Вкупно 14.151 лице од 125 земји добиле ваква дозвола за привремен престој по најразлични основи
Кои држави предничат?
Покрај Турција, голем број дозволи биле издадени и на државјани на Косово, вкупно 1.426. Во овој случај структурата е поразлична и речиси половина од лицата кои добиле дозволи – 734 биле по основ на член на семејство, додека за вработување дозвола добиле 286 лицтоја, а за студирање 262 лица.
948 лица од Србија лани добиле дозволи за привремен престој, најмногу од кои 640 по основ на член на семејство, а 138 за вработување. Во меѓувреме, 934 лица од Албанија добиле ваква дозвола, од кои 585 лица по основ на член на семејство, 144 за семејно обединување и 133 за вработување.
На кои основи најчесто се добивало дозвола за привремен престој?
Најголем број на дозволи за привремен престој издадени во Македонија во 2024 година се за вработување – вкупно 4.943.
Најбројни во овој дел, како што посочивме се државјани на Турција – 2.247 лица, но покрај нив, забележително е и дека вакви дозволи добиле и 425 лица од Непал, 375 од Бангладеш, 362 од Индија, 286 од Косово, 138 од Србија и 133 од Албанија
По основ член на семејство во 2024 година биле издадени 3.619 дозволи. Најбројни во овој дел се државјани на Косово – 734, по што следуваат 640 државјани на Србија и 585 државјани на Албанија.
За студирање во Македонија, дозволи за привремен престој добиле 2.816 странски државјани, а 85.5% од нив биле од Турција. По овој основ дозволи добиле и 114 државјани на Косово, 69 државјани на Пакистан, 59 државјани на Албанија и 40 државјани на Србија.
По основ хуманитарни причини биле издадени дозволи на 399 лица, односно најголем број на лица од Украина – 255, Авганистан – 64 и 47 на лица без државјанство.