Скопската Зоолошка градина остана без еден од своите највеличествени и највозрасни жители — јагуарката Инес. Таа беше единствениот јагуар во градината, а почина по долга и тешка битка со канцер, соопштија од ЗОО Скопје.
„За жал, Инес, која беше во длабока старост, не успеа да се избори со метастазиран рак и тумори на повеќе органи. Последните месеци направивме сè што можевме, во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина, за да ѝ ја олесниме болката и да ѝ ја подобриме благосостојбата. Врз неа беа извршени бројни стручни прегледи, анализи, па дури и компјутерска томографија, но, за жал, болеста беше посилна,“ стои во соопштението на Зоолошката градина.
Инес имаше 22 години, што е речиси максимум за овие животни во контролирани услови. Во природна средина, јагуарите живеат во просек од 12 до 15 години, додека во зоолошки градини ретко кој примерок го надминува 23-тата година.
Од ЗОО Скопје со емотивна порака се простија од својата долгогодишна штитеничка:
„Искрено ќе ни недостигаш, Инес. Ќе те паметиме по твојата смиреност, благородност и силата со која се бореше. Беше дел од нашето семејство и миленичка на многу генерации посетители. Благодарност до сите зоонегуватели кои со години се грижеа за тебе со љубов и посветеност.“