Во мај тендер за нов едношалтерски систем – власта сака да ги забрза царинските постапки

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска претседаваше со Комитетот за управување со Националниот едношалтерски систем, каде беше усвоен предлогот за новиот Закон за едношалтерска околина.

Со новиот закон се предвидува интеграција на услугите на 15 институции, овозможувајќи побрз и поедноставен процес за издавање дозволи при увоз, извоз и транзит на стока. Ова ќе резултира со рационализирани административни процедури, дигитализација на обработката на дозволите и подобрена ефикасност на царинските постапки.

Законот, исто така, ќе обезбеди интероперабилност помеѓу националните институции, што ќе доведе до подобра координација и размена на податоци во реално време. Ова е клучен чекор кон усогласување со европските стандарди и со нецаринските системи во земјите од ЦЕФТА.

Република Македонија е дел од регионалниот проект за олеснување на транспортот и трговијата во Западен Балкан, во чии рамки ќе се спроведе новиот Национален едношалтерски систем. Овој систем целосно ќе го замени постојниот механизам за управување со дозволи.

Министерството за транспорт веќе работи на подготовка на тендерска документација за развој на новата електронска “Платформа за дозволи”, како и за набавка на соодветна хардверска опрема. Очекувано е тендерот да биде распишан во мај годинава.

Со оваа платформа, во иднина сите дозволи за увоз, извоз и транзит, како и соодветните плаќања, ќе се извршуваат по електронски пат преку единствена точка, што значително ќе ја зголеми ефикасноста и транспарентноста на процесите.

Зачлени се на нашиот е-билтен