Секој битолчанец треба да биде вклучен во создавањето на иднината на неговиот град и токму затоа на 10 мај (сабота), од 11:00 до 14:00 часот, ќе се одржи настанот „Визија кафе“ во мезе бар „Јагода“, на кој секој поединец ќе даде свој придонес со изнесување на своето гледиште, а вечерта, во Центарот за култура во Битола, од 20:00 часот премиерно ќе се одигра монодрамата на Марјан Георгиевски „Не денес“, чија цел е јасно да се претстави моменталната состојба во градот.
„Ги повикуваме граѓаните да се приклучат на „Визија кафе“ во мезе бар „Јагода“, за да размениме идеи, да се напиеме кафе, да се забавуваме и да донесеме заклучок за тоа во каква Битола сакаме да живееме“, наведоа од „Еко-свест“, Центарот што ја спроведува иницијативата.
„Визија кафе“ е можност отворено да се зборува за предизвиците со кои се соочуваат битолчани и како тие можат да се надминат.
„Еколошки чиста и економски развиена Битола не е обврска само на институциите. Потребни се и идеи, поддршка и активни граѓани. Настанот е отворен за сите. Добредојден е секој што сака да слуша, да зборува, да сподели или едноставно – да биде дел од разговорот. Дојди, да се напиеме кафе и да размениме идеи за подобра Битола“, повикаа од „Еко-свест“.
Монодрамата на актерот Георгиевски носи длабока порака којашто треба да допре до секој и да го поттикне темелно да ги премисли своите постапки.
„Светот се движи во погрешна насока, односно ние со нашите постапки и немарноста го уништуваме она што треба да ни биде свето. Оваа монодрама е создадена за да се преиспитаме себеси, да ги освестиме одлуките и свесно да направиме промени во нашето живеење коишто се повеќе од потребни. Планетата ги вклучи сите аларми, а ние мораме да ги слушнеме“, наведе Георгиевски.
Билетите за претставата се бесплатни и можат да се подигнат на билетарата во Центарот за култура во Битола.
Настаните ќе се одржат во рамки на проектот „ГОи во акција за климатските промени“ спроведуван од „Еко-свест“ и финансиран од Шведска.