Претставата „Замисли нов свет“, инспирирана од седум култни текстови на Горан Стефановски, ја доживеа својата премиера, оставајќи силен впечаток врз публиката. Ова театарско дело, со магичен спој на музика, визуелни ефекти и емоции, ја потврди моќта на театарот како медиум што може да инспирира и да менува општества.
„Претставата создава чувство на поврзаност. Од музичката изведба до визуелните ефекти, таа докажува дека културата може да биде препознаена, а театарот е инструмент за промени на подобро. Ова е пример како се вреднува интелектуалниот труд – практика нормална во развиените земји“, изјави драматургот Ана Ристоска-Трпеноска.
Темите на миграција, меѓугенерациски конфликти, љубов, загуба и распад на вредности се клучни елементи на претставата, која со своите длабоки дијалози и впечатливи ликови ги предизвикува емоциите на гледачите.
„Ова е претстава која треба да се види и доживее! Еден и пол час театар исполнет со емоции, преиспитување и потсетување на тоа кои сме, но и какви можеме да станеме“, се наведува во соопштението до медиумите.
Публиката ја награди премиерата со долготрајни аплаузи, а актерите Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски најавија дека претставата ќе биде дел од редовниот репертоар почнувајќи од јануари 2025 година.
„Замисли нов свет“ не е само театарска претстава – таа е повик за размислување, поврзување и создавање на поубаво општество преку уметноста.