Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Форум на жени СДСМ: Дрзок дпмнеовски манир, Кочоска ги навреди сите жени кои немаат семејство и не се мајки

Денешните пратенички прашања паднаа во сенка откако министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска „удри“ врз семејната состојба на пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, која ја коментираше „потрошувачката кошничка“, која со месеци е во фокусот на јавноста.

Одговорот на министерката, почна со навреди, порачувајќи и на Петровска дека дури не може да ѝ каже почитувана.

„Врз основа на што вие ги ставате во уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство“, рече Димитриеска Кочоска.

За ваквата изјава на министерката која е од редовите на ВМРО ДПМНЕ, реагира Форумот на жени на СДСМ. Најостро ја осудија изјавата која ја нарекоа, срамната и дискриминаторска.

„Во обид да избега од личната одговорност за сериозното влошување на животниот стандард на сите граѓани, Кочовска посегна по коментирање на приватниот живот на Петровска, потсмевајќи и се дека нема семејство и дека не е мајка. Ова е уште една во низата потврди за тоа дека ДПМНЕ без никакви резерви и секогаш прибегнуваат кон дискриминација и понижување на жените“, велат од Форумот на жени на СДСМ.

Според нив Кочовска се дрзна да ѝ каже на Петровска дека таа не знаела колку троши четиричлено семејство затоа што немала деца и живее сама.

„Во типичен и крајно дрзок дпмневски манир, Кочоска ѝ кажа на Петровска дека воопшто не ја почитува. Ова е најдолниот настан којшто се случил во македонскиот парламент. Бараме Кочовска да излезе и јавно да се извини на Петровска и на сите жени кои денеска ги омаловажи и ги понижи“, велат од Форумот.

Тие ја повикуваа Унијата на жени на ДПМНЕ, да реагираат и да ја осудат оваа срамна изјава заедно со навредите на Кочовска.

„Мора да се стави крај на дискриминацијата против жените и оние кои се борат за баланс помеѓу работниот, семејниот и социјалниот живот“, велат од Форумот.

Инаку еве што ја праша пратеничката Петровска, министерката Димитриеска-Кочоска

„Министерке, пред една недела имавте за мене нелогична изјава, кога рековте дека за вас не може да биде логично да се купува грашок од конзерва и дека едно 4-члено семејство треба во еден месец да конзумира 13 литри млеко. За цената на табла јајца не коментирам, можеби имате некој попуст за редовност. Не сакам оваа дебата со вас да ја претворам во споделување рецепти итн, ама следен пат кога ќе одите во маркет, а рековте дека одите често, земете и споредете време на готвење на тој грашок од конзерва кој за вас е нелогичен, и оној другиот. За вас може не е важно, ама за едно просечно македонско семејство, многу е важно колку време ќе биде вклучен шпоретот. Подеднакво важно е за една мајка дали ќе може цел месец на своите деца да им дава по една чаша млеко. Зашто, ако ја направиме логиката како што вие ја направивте за едно 4-члено семејство, тогаш ќе видите дека 13 литри млеко не се доволни, освен ако не го заменувате со бадемово или со некое друго. Моето прашање е следно: Наместо да ни држите лекции за домаќинско пазарење, не е лошо да го чуеме вашиот став за намалување на патните трошоци на пратениците и зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа?“.

Министерката Димитриеска-Кочоска излезе на говорница многу лута.

„Пратеничке Славјанка Петровска, не можам да ве кажам почитувана. За да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит. Врз основа на што вие ги ставате в уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно 4-члено семејство. И научете во пописот што вие го направивте, едно просечно семејство е 3-члено, а не 4-члено. Во однос на грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме. Мораме да одиме во најевтините маркети и да купиме замрзнат грашок. Тоа беше коментарот, зошто да купуваме грашоци кои се поскапи од 100 денари. Исто беше и за млекото. Некој може троши и по 18 литри, а некој воопшто не пие. Бадемовото вам ќе ви го оставам, вам ви треба, а не мене!“, рече видно нервозна министерката и ја напушти говорницата.

Петровска не изреагира на навредите и објасни зошто.

„Мислев, министерке, дека извлековте поуки од вашите претходни испади на Комисијата за финансирање и буџет, кога ве повлекоа од партијата со наредба да не доаѓате во Собрание, по што го праќаа вашиот заменик. Нема да одговарам на вашите неумесни коментари. Ако имаше дно, вие го пробивте“, рече Петровска.

Зачлени се на нашиот е-билтен