Над 200 руски државјани добиле српско државјанство по скратена постапка, со образложение дека тоа било „во национален интерес“ на Србија. Ова го открива заедничко истражување на белградскиот портал КРИК и рускиот независен медиум „Важни приказни“.
Според нивните податоци, 204 Руси и Русинки станале државјани на Србија по директна одлука на Владата, заобиколувајќи ја вообичаената процедура за добивање државјанство. Во овие случаи, не се барало ниту живеење во земјата, ниту познавање на јазикот – критериуми кои важат за сите останати странски државјани.
Контроверзни имиња и сомнителни врски
Истражувањето посочува дека меѓу новите српски државјани има лица поврзани со Кремљ, руските безбедносни служби (ФСБ), воената индустрија и компании кои профитирале од војната во Украина.
Еден од нив е Иван Сибирев, кој според КРИК е воен профитер чие претпријатие „Р-строј“ работело во украински градови уништени од војната. ЕУ ја санкционирала неговата компанија лани, поради докажано збогатување благодарение на конфликтот.
„По руската инвазија врз Украина во 2022 година, ЕУ и други држави сериозно го ограничија патувањето на руските државјани. Но, влијателните Руси, блиски до безбедносните и политичките кругови, најдоа излез преку странски пасоши – и Србија стана една од клучните дестинации“, се наведува во текстот.
Владин печат на „национален интерес“
Српската Влада, прво предводена од Ана Брнабиќ, а потоа од Милош Вучевиќ, го оправдала доделувањето на државјанствата со образложението дека станува збор за „заштита на националниот интерес“. Сепак, останува нејасно каков точно интерес е заштитен со овие одлуки, особено кога станува збор за луѓе со сомнително потекло на капитал и врски со воени и разузнавачки структури.
Истражувањето посочува дека овие луѓе не ги исполнувале стандардните услови за државјанство, но сепак добиле српски пасоши што им овозможуваат слободно движење низ Европа, бидејќи Србија, иако не е членка на ЕУ, има либерален визни режим со некои европски земји.
Дипломатски ризици?
Ваквите одлуки може да имаат и пошироки дипломатски импликации, особено ако некои од новите државјани се под меѓународни санкции или предмет на безбедносни сомнежи. Истражувањето не открива дали српските безбедносни служби учествувале во процесот на проверка пред одлуките да бидат донесени.