Научници од Универзитетот во Пенсилванија развија иновативна гума за џвакање која може значително да го намали преносот на вирусите на грип и херпес. Тимот од „Пен дентал медисин“ ја создаде гумата користејќи природен антивирусен протеин добиен од австралиското растение Lablab purpureus.
Истражувањата покажале дека овој протеин делува против два вида инфлуенца А и вирусот на херпес симплекс, намалувајќи го вирусното оптоварување во устата – еден од клучните патишта за пренос на овие инфекции.
Нов пристап во борбата со вирусите
Во светот, вирусните инфекции – од сезонски грип до херпес – претставуваат сериозен здравствен и економски предизвик. Годишните епидемии на грип носат значителни загуби, додека вирусот HSV-1, кој се пренесува преку орален контакт, инфицира повеќе од две третини од глобалната популација и е водечка причина за заразно слепило на Запад.
Со оглед на ниските стапки на вакцинација против грип и недостигот на вакцина за херпес, потребен е нов начин за намалување на ризикот од инфекција. Истражувачите се фокусирале на усната шуплина – клучна точка за пренос – и таму ја насочиле својата иновација.
Ефикасноста на гумата
Д-р Хенри Даниел, кој и претходно работел на слична идеја за време на ковид-пандемијата, ја развил гумата со антивирусниот протеин FRIL. Според студијата објавена во списанието Molecular Therapy, гумата за џвакање со FRIL може да неутрализира два типа херпес (HSV-1 и HSV-2), како и два видови грип (H1N1 и H3N2).
Резултатите се ветувачки: само 40 милиграми од протеинот во гума од 2 грама довеле до над 95% намалување на вирусното оптоварување во устата. Ова може да значи голем чекор напред во спречување на секојдневните вирусни инфекции.
Извор: eklinika.telegraf.rs