Дали апликацијата Signal е доволно безбедна за владини разговори?

Бесплатната апликација за размена на пораки Signal стана фокус на вниманието откако Белата куќа потврди дека била користена за таен групен разговор меѓу високи американски функционери.

Според извештаите, главниот уредник на магазинот Атлантик, Џефри Голдберг, по грешка бил додаден во групен разговор во кој се дискутирало за плановите за напад на Хутите во Јемен. Овој инцидент предизвика жестоки реакции, а лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, го нарече „еден од најшокантните“ случаи на истекување на воено-разузнавачки информации во историјата, барајќи темелна истрага.

Апликацијата Signal има помеѓу 40 и 70 милиони месечни корисници, што е значително помалку во споредба со платформите како WhatsApp и Messenger, кои имаат милијарди корисници. Сепак, Signal е препознатлива по својата напредна безбедност.

Во основата на нејзината сигурност е енкрипцијата од-крај-до-крај (E2EE), што значи дека само испраќачот и примачот можат да ги читаат пораките – дури ни самата компанија Signal нема пристап до нив. Оваа технологија ја користат и други платформи како WhatsApp, но Signal оди чекор подалеку.

Апликацијата е со отворен код (open source), што значи дека експерти можат да ја анализираат и да откријат можни безбедносни слабости. Дополнително, Signal собира минимални податоци за корисниците и не чува информации како кориснички имиња, профилни слики или членства во групи.

Фондацијата Signal, која ја развива апликацијата, е непрофитна организација и не зависи од приходи од реклами, што значи дека нема финансиски мотив да ги компромитира безбедносните функции.

Иако Signal е исклучително безбедна, таа не е наменета за разговори од највисоко ниво во однос на националната безбедност. Причината е што мобилните телефони носат неизбежен ризик – безбедноста зависи исклучиво од корисникот. Доколку некој добие пристап до уредот или дознае лозинка, може да ги види пораките. Покрај тоа, апликациите не можат да спречат некој да ви ѕирне преку рамо додека користите телефон на јавно место.

Според експертката за податоци Каро Робсон, која соработувала со американската администрација, е „многу, многу невообичаено“ високите безбедносни функционери да користат апликации за размена на пораки како Signal. Наместо тоа, владините службеници обично користат специјални системи со највисок степен на енкрипција, а нивните уреди се чуваат на безбедни локации под строг надзор.

SCIF – вистинската безбедносна опција

Американската влада традиционално користи Sensitive Compartmented Information Facility (SCIF – „скиф“), високо безбедносни простории каде што личните уреди не се дозволени. Овие простории редовно се проверуваат за прислушување и други уреди за следење. SCIF-овите се лоцирани во воени центри, но и во домовите на високи функционери, и користат најнапредни криптографски методи за заштита на информациите.

Еден од аспектите на Signal што предизвика загриженост е можноста за автоматско исчезнување на пораките. Голдберг изјави дека некои пораки од групниот разговор исчезнале по една недела. Ова може да предизвика правни проблеми во однос на зачувувањето на службени комуникации, особено ако тие не се архивирани во официјални канали.

Владите низ светот, вклучувајќи ја и британската, воделе битка за воведување „задни врати“ во апликации како Signal и WhatsApp, со цел да добијат пристап до потенцијално опасни пораки. Signal дури се закани дека ќе се повлече од Обединетото Кралство во 2023 година ако таквите барања станат законска обврска.

Случајот со Белата куќа покажува дека, и покрај сите безбедносни мерки, човечкиот фактор останува најголемата слабост. Како што еден критичар сликовито рече: „Енкрипцијата не може да те заштити од глупост“.

Зачлени се на нашиот е-билтен