Нема регистар на јавно-приватни партнерства, а штетите се мерат во милиони

И покрај вложувањето значителни јавни средства во јавно-приватни партнерства (ЈПП), Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во нивното функционирање, што резултирало со милионски загуби, неисполнети цели и неефикасна испорака на јавни услуги.

Според ревизијата за периодот 2017–2024 година, недостасува централен регистар на сите ЈПП-договори. Од 68 идентификувани договори, дел се без јасна евиденција, а речиси 80% се склучени со само еден понудувач – што укажува на недоволна конкуренција. Во повеќе случаи нема претходна анализа, договорите се правно слабо заштитени, а надзорот е недоволен.

Милиони евра – без гарантирана вредност
Во 25 испитани постапки, јавниот партнер наплатил 1,5 милиони евра, додека на приватните им се исплатени 3 милиони евра. Вредноста на приватните инвестиции е околу 37 милиони евра, но јавниот придонес (земјиште, дозволи, објекти) останува невреднуван. Поради тоа, невозможно е да се оцени вкупната добивка или штета.

Дополнително, договорите не се следат систематски – нема мерење на резултатите, па останува нејасно дали проектите реално ја подобруваат инфраструктурата и услугите.

Проблематични примери

Македонско село: Владата инвестирала речиси 294 милиони денари, но објектот пропаѓа. Договорот за ЈПП бил раскинат уште во 2018 поради економска неисплатливост.

Здравствен сектор: Договор за стерилизациски центри е склучен во 2019 година, но до денес проектот не е целосно реализиран. Само еден објект е опремен, останатите не се ни предадени на користење.

Туристички инфо-центри: Во Полошкиот регион, паметните центри биле користени за комерцијална дејност наместо за промоција на туризмот. По кршење на обврските, приватниот партнер ги пренел договорите на друго лице – без соодветна проверка.

Мали хидроцентрали на Бошава: Договорот од 2012 не е усогласен со првичните планови, а бројот на изградени централи не одговара со претходната студија. Ревизорите предупредуваат на правна и процедурална несогласеност.

Системски слабости и институционална небрежност
Националната регулатива не е усогласена со европските директиви, а недостасуваат политики и стратегија за развој на ЈПП. Ова резултира со непривлечни услови за економски оператори и ограничен развој на јавната инфраструктура.

Во некои случаи, постојат дури и судски спорови – јавниот партнер е тужен за долгови од речиси 4 милиони евра.

Зачлени се на нашиот е-билтен