Секој поединец кој влегува во зградите на Европскиот парламент за да застапува интереси на надворешни странки од почетокот на месецов е должен да активира специјален беџ и да ја наведе причината за неговиот престој во објектот.
Целта на ваквите мерки е да се заштити институцијата од потенцијално нови скандали со корупција и обиди за поткуп, по оној од пред две години, познат како „Катаргјет“ или последниот со подмитување на 15-тина европратеници од страна лобисти на кинеската компанија „Хуавеј“.
Според европратеникот Марк Ангел, кој е задолжен за внатрешни административни прашања во ЕП, ваквите мерки се преземени затоа што Парламентот смета дека „транспарентноста е важна“.
- Кога станува збор за лобисти, без разлика дали се од деловниот сектор или од невладините организации, важно е да можеме да видиме со кого се среќаваат и зошто доаѓаат во Парламентот, истакна Ангел.
Досега, регистрираните лобисти со своите беџови можеа слободно да влегуваат во зградите на Европарламентот кога сакаат, но сега ќе мора да се регистрираат при секој влез преку мал терминал на влезните врати на објектите. Дополнително ќе треба и да наведат со кој европратеник или член на помошниот персоналот ќе се среќаваат или пак на кој состанок или настан во Европскиот парламент ќе присуствуваат. Овие информации ќе бидат од доверлив карактер и ќе се чуваат во Одделот за безбедност.
- Во случај да има истрага или проблем, постои можност да се види кој со кого се видел и да се добие јасност и транспарентност, додаде Ангел.
Прес-службата на Европскиот парламент информира дека овие мерки се во рамки на „широкиот пакет реформи усвоен од Европскиот парламент во текот на изминатите години за зајакнување на неговиот интегритет, независност и одговорност, а воедно и за заштита на европратениците“.
Сепак, според лоби групите, нема добра основа за овие дополнителни проверки.
Претседателката на лоби групата Здружение на професионалци за европски прашања, Ема Браун смета дека со ова само се додаваат бескорисни бирократски процедури.
- Лобистите се веќе темелно регистрирани, а дневната активација и најавувањето на посети се непотребен товар, истакна Браун.
Во март годинава Белгиското Јавно обвинителство изврши претреси на 21 локација ширум Белгија во рамки на истрагата под сомнеж дека лобисти на кинеската компанија „Хуавеј“ подмитиле околу 15 европратеници, со цел да ја промовираат и да работат во интерес на трговската политика на фирмата во Европската Унија.
Во декември 2022 година, пак, бриселската полиција изврши серија претреси на имоти и канцеларии низ Брисел, при што уапси неколкумина осомничени и заплени вреќи со пари, во рамки на истрагата против тројца тогашни европратеници, кои се осомничени дека биле „под влијание на владите на Катар, Мароко и Мавританија“. Во овој скандал, кој стана познат како
Катаргејт“, европратениците се осомничени за примање поткуп и обвинети за „корупција“, „перење пари“ и „организиран криминал“. Еден од осомничените веќе се изјасни за виновен по сите обвинувања, во замена за договор за поблага казна и обелоденување на идентитетите на оние кои биле вклучени во заговорот за поткуп.