„Прајсвотеркуперс“ отпушта 1.500 вработени во САД – се приклучува на трендот на „големата четворка“

Една од најпознатите глобални ревизорски и консултантски компании, PricewaterhouseCoopers (PwC), ќе отпушти околу 1.500 вработени во САД, што претставува околу 2% од вкупните 75.000 вработени кои компанијата ги има во земјата, јавува Financial Times.

Најмногу ќе бидат погодени одделенијата за ревизија и даноци. Од компанијата велат дека причината за ваквиот потег лежи во долготрајно ниската флуктуација на кадар – односно, многу мал број вработени доброволно ја напуштиле фирмата изминативе години.

Пред да се одлучат на масовни отпуштања, раководството со месеци анализирало начини за преструктурирање и прераспределување на стотици вработени од оддели со намалена потреба кон области со повисок раст.

Вработените кои се погодени од одлуката биле известени преку виртуелни состаноци на Microsoft Teams во понеделникот и вторникот.

„Ова беше тешка, но внимателно донесена одлука, со целосна свест за нејзиното влијание врз нашите луѓе. Ниската флуктуација во последниве години ја направи оваа мерка неопходна“, соопштија од PwC за Financial Times.

Меѓу отпуштените има и лица кои неодамна ја започнале својата кариера во фирмата. Еден од нив, кој се приклучил во септември, изјавил дека е „целосно шокиран“ и дека „вработените биле фатени неподготвени“.

Ова не е првпат PwC да се одлучи на ваков чекор. Во септември минатата година компанијата отпушти 1.800 вработени од одделението за производи и технологија – што беше прва официјална рунда отпуштања од 2009 година наваму.

И останатите компании од таканаречената „голема четворка“ – KPMG, EY и Deloitte – исто така најавија или веќе спроведоа намалување на бројот на вработени. Deloitte минатиот месец соопшти дека, поради притисок за намалување на трошоците, ќе отпушти неодреден број луѓе од консултантскиот сектор. EY во февруари отпушти 100 вработени, што е околу 1% од неговиот персонал во САД, додека KPMG уште во ноември минатата година отпушти 330 луѓе – околу 4% од своите американски вработени, исто така поради слаба флуктуација.

Зачлени се на нашиот е-билтен