Само седум земји ги исполниле стандардите на СЗО за чист воздух

Минатата година само седум земји во светот ги исполниле стандардите за квалитет на воздухот поставени од Светската здравствена организација (СЗО), покажуваат податоците објавени во вторникот. Истражувачите предупредуваат дека глобалната борба против смогот ќе стане уште потешка откако САД одлучија да ја прекинат својата програма за следење на квалитетот на воздухот.

На врвот на листата на најзагадени земји во 2024 година се Чад и Бангладеш, каде што просечните нивоа на смог биле повеќе од 15 пати повисоки од препорачаните граници на СЗО, според податоците на швајцарската компанија IQAir.

Според оваа анализа, само Австралија, Нов Зеланд, Бахамите, Барбадос, Гренада, Естонија и Исланд успеале да ги задржат нивото на загаденост под препорачаните вредности.

Укинување на американското следење на воздухот

Голем број земји во развој се потпираат на американските амбасади и конзулати за мерење на квалитетот на воздухот. Сепак, Стејт департментот неодамна ја укина оваа програма поради буџетски причини, што доведе до отстранување на 17-годишни податоци од официјалната веб-страница airnow.gov.

Ова ќе има особено големо влијание во Африка, каде што американските сензори беа еден од ретките извори на јавни податоци за загаденоста, предупредува Кристи Честер-Шредер, експерт за квалитет на воздухот во IQAir.

Светот сè позагаден, климатските промени ја влошуваат состојбата

Чад беше прогласен за најзагадена земја во 2022 година, а потоа беше исклучен од анализите поради недостиг на податоци. Сепак, во 2024 година повторно беше рангиран како најзагаден, со просечна концентрација на ПМ2.5 честички од 91,8 микрограми на кубен метар – далеку над препорачаната граница на СЗО од 5 микрограми.

Индија, иако забележа благ пад на просечната концентрација на ПМ2.5, останува меѓу петте најзагадени земји. Во градот Бирнихат, североисточна Индија, загаденоста достигна 128 микрограми, што го прави најзагадениот град во светот.

Климатските промени сè повеќе придонесуваат за зголемувањето на загадувањето, вклучувајќи го и интензивирањето на шумските пожари, предупредува Честер-Шредер.

Одлуката на САД да ја прекинат програмата за следење ќе остави 34 земји без сигурен пристап до податоци за загадувањето, што претставува голем удар за глобалните напори за подобрување на квалитетот на воздухот, истакнува Криста Хасенкопф од Универзитетот во Чикаго.

Зачлени се на нашиот е-билтен