Трамп за републиканците кои не се согласуваат со него за случајот со Епштајн: Тие се „глупави“ и „наивни“

Доналд Трамп за време на молитва пред оброк во Белата куќа, 14 јули, 2025 г. | Фото: Белата куќа (The White House), јавен домејн, Викимедија комонс
Доналд Трамп за време на молитва пред оброк во Белата куќа, 14 јули, 2025 г. | Фото: Белата куќа (The White House), јавен домејн, Викимедија комонс

Американскиот претседател Доналд Трамп и понатаму е во центарот на контроверзии околу начинот на кој Министерството за правда на САД управува со слчајот со документите поврзани со Џефри Епштајн, финансиер и осуден сексуален престапник, кој се самоуби во затвор во 2019 година, настан што предизвика бројни теории на заговор.

Како што објави американската Ен-Пи-Ар, во средата, Трамп ги нападна и демократите и членовите на својата Републиканска партија кои бараат поголема транспарентност за истрагата на Министерството за правда. Без никакви докази, тој изјави дека случајот е „измама“.

Минатата недела, Министерството за правда објави дека нема да објави дополнителни документи поврзани со истрагата за смртта на Епштајн и негираше постоење на „листа на клиенти“, што ја разгневи базата на поддржувачи на Трамп. Тој, пак, за време на изборната кампања минатата година, ветуваше дека ќе ги објави тие документи.

Во објава на својата платформа Truth Social, како и пред новинарите во средата, Трамп остро ги нападна и демократите и дел од неговите поддржувачи.

„Нивната нова ИЗМАМА е нешто што засекогаш ќе го нарекуваме ‘Измамата Џефри Епштајн’“, изјави Трамп, повторувајќи неоснована теорија дека документите ги измислиле демократите за да го нападнат него.

Тој ги нарече „глупости“ верувањата на поранешните поддржувачи кои, според него, „голтаат сѐ без прашање“.

„Нека продолжат овие слабаци да ја вршат работата на демократите, но нека не зборуваат за нашите неверојатни успеси, затоа што нивната поддршка повеќе не ми треба!“, изјави Трамп.

Говорејќи од Белата куќа подоцна истиот ден, Трамп изјави дека републиканците кои не се согласуваат со неговиот став за случајот со Епштајн се „глупави“ и „наивни“.

„Наместо да зборуваат за сѐ што постигнавме, а имаме огромни постигнувања, тие трошат време на човек кој очигледно имал многу сериозни проблеми и умрел пред три, четири години“, рече Трамп. Тој нагласи дека би сакал повеќе да зборува за законодавните и инвестициските успеси на неговата администрација, пред да премине на напад врз демократите поради нивните миграциски политики кои, според него, дозволуваат „членови на банди и криминалци од целиот свет“ да влезат во САД. „Сите дојдоа, и јас преземам нешто за тоа“, додаде Трамп.

Иако неговата администрација во минатото вети дека ќе ги објави документите за Епштајн, минатиот месец се појави фотографија на лица кои носат фасцикли со печат на Министерството за правда и наслов „Досие Епштајн: Фаза 1“, по што повторно се отворија прашањата за транспарентност.

Видни републиканци како претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон и конгресменката од Џорџија, Марџори Тејлор Грин, побараа поголема транспарентност. Конзервативци како Такер Карлсон и Лора Лумер, исто така, остро ја критикуваа работата на Министерството на случајот.

Сепак, Трамп во последно време упорно порачува дека неговите поддржувачи треба да го остават случајот со Епштајн зад себе. „Не трошете време и енергија на Џефри Епштајн, човек за кого никој не се грижи“, напиша Трамп на социјалните мрежи за време на викендот.

Тој целосно ја поддржа работата на јавната обвинителка Пам Бонди во врска со случајот. Кога беше прашан дали сѐ уште има доверба во раководството на Министерството за прадв и ФБИ, Трамп одговори: „целосно“. На прашањето дали ќе назначи специјален обвинител за предметот, рече: „Јас немам ништо со тоа“.

Оваа негова порака не наиде на добар прием кај дел од поддржувачите на МАГА движењето, кои се чувствуваат изневерени. За многу од теоретичарите на заговор, приказната за Епштајн е доказ за нивното верување дека сатанистичка елита од педофили владее со светот, а Трамп е херојот што треба да ги порази.

Иако Трамп и други претставници од неговата администрација претходно ги поддржуваа некои од тие идеи, сега следбениците се соочуваат со когнитивна дисонанца.

„Се обидуваат да спојат две работи кои не можат да бидат вистинити истовремено и да најдат начин двете да изгледаат како вистина“, вели новинарот и автор Мајк Ротшилд, кој се занимава со истражување на теории на заговор.

Зачлени се на нашиот е-билтен