Европската комисија денеска го објави годишниот извештај за 2024 година поврзан со Системот за брза реакција за ризични непрехранбени производи „Безбедносна порта“. Според податоците, минатата година биле евидентирани 4.137 опасни производи – рекорден број откако системот е воспоставен во 2003 година.
Еврокомесарот за правда, демократија, владеење на правото и заштита на потрошувачите, Мајкл Мекграт, при презентирањето на документот нагласи дека „Безбедносната порта“ овозможува навремено идентификување и елиминирање на ризичните производи од европскиот пазар.
– Европската комисија постојано ги унапредува своите механизми со цел производите што завршуваат во домовите на граѓаните да бидат сигурни. Овој пристап ќе продолжи и понатаму, со цел да не се дозволат „слепи точки“ во надзорот – рече Мекграт.
Најголем дел од производите кои биле означени како потенцијално штетни по здравјето се козметички средства – 36 отсто, следени од играчки (15 %), електрични уреди (10 %), моторни возила (9 %) и хемикалии (6 %).
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, кај речиси половина од овие производи е откриено присуство на ризични супстанци – како што се кадмиум, олово и никел во накитот, опасни ароми во есенцијалните масла и вештачки хемикалии за омекнување на текстилот.
Во дури 97 проценти од пријавените козметички производи бил утврден забранетиот ароматичен соединение BMHCA (бутилфенил метилпропион), кој може да предизвика оштетувања на репродуктивниот систем и кожни реакции.
Врз основа на добиените пријави преку системот, пазарните инспекции во текот на 2024 година издале наредби за повлекување или забрана за продажба на над 4.200 артикли.
Извештајот укажува дека „Безбедносната порта“ сè повеќе се користи за детектирање на опасни производи кои можат да го загрозат здравјето и безбедноста на потрошувачите – што ја потврдува ефикасноста и довербата во системот.
Документот опфаќа и информации за активности спроведени од надлежните органи во земјите на ЕУ, како и во Исланд, Норвешка и Лихтенштајн, со цел минимизирање на ризиците и запирање на прометот со небезбедни стоки.
Системот овозможува брзо известување и координација меѓу земјите од Европската унија и Европската економска област (ЕЕА) за артикли кои може да предизвикаат гушење, повреди на слухот или видот, кожни алергии, па дури и штети на животната средина или имотот.