За љубителите на црно чоколадо, производителот на „Тоблероне“ донесе тешка одлука

Црната варијанта на познатата триаголна чоколада Toblerone ќе биде повлечена од продажба во Велика Британија по речиси шест децении, поради променети навики на потрошувачите и деловни стратегии – соопшти производителот Mondelez.

Mars Delight, Cadbury Dream и Rowntree’s Texan се само дел од некогаш омилените чоколади што исчезнаа од полиците низ годините, а сега ним им се приклучува и Toblerone Dark – популарната темна чоколада со бадеми и мед.

Оваа чоколада, препознатлива по својот уникатен триаголен облик, беше редовен избор во супермаркетите и фри-шоповите на аеродромите. Но, од Mondelez велат дека одлучиле да ја прекинат нејзината продажба во Обединетото Кралство, поради намалена побарувачка.

„Свесни сме дека оваа одлука ќе разочара некои наши потрошувачи, но ќе продолжиме да инвестираме во брендот Toblerone,“ – изјавија од компанијата.

Не е прецизирано дали темната верзија ќе се повлече и од останатите пазари надвор од Британија.

Оваа вест доаѓа токму пред велигденскиот викенд, кога продажбата на чоколади традиционално расте. Според извештаи, до петок попладне, Toblerone Dark веќе била распродадена на сајтот на Waitrose, а потрошувачите преку социјалните мрежи ги повикуваа другите да се снабдат навреме.

Името Toblerone е комбинација од презимето на креаторот – Теодор Тоблер – и италијанскиот збор torrone, што се однесува на нугат со бадеми, традиционален празничен десерт во Југозападна Европа.

Ова не е првпат брендот да се најде во фокусот на јавноста – во 2023 година, компанијата ја отстрани сликата на врвот Матерхорн од пакувањето, откако дел од производството беше префрлено надвор од Швајцарија. А во 2016, зголемувањето на растојанијата меѓу чоколадните триаголници предизвика голема негодување.

Пазарот на чоколади денес доживува промени. Потрошувачите сè почесто се свртуваат кон т.н. „дубајска чоколада“ – чоколади исполнети со крем од ф’стаци и печен кнафе. Lindor неодамна ја лансираше својата верзија по цена од 10 фунти, додека Lidl нуди поевтина алтернатива за 4,99 фунти. Редови пред продавниците се создадоа низ цела Британија, а залихите исчезнуваат за неколку часа.

Овој тренд се случува во време кога цените на какаото достигнаа рекордни нивоа – само во изминатата година, цената на чоколадата се зголемила за 13,6%. Многу производи не само што се поскапени, туку и се намалени по тежина.

Пример: белата верзија на Twix велигденско чоколадно јајце од Tesco порасна во цена од 5 на 6 фунти, а тежината се намали од 316g на 258g – што е зголемување на цената по 100g за речиси 50%.

И Cadbury Creme Eggs не останаа недопрени – пет пакувања од 200g, кои лани чинеа 2,62 фунти, оваа година достигнаа цена од 4 фунти, покажуваат податоците на Which?.

Зачлени се на нашиот е-билтен