„Амазон“ ќе ја лансира својата мрежа сателити конкуренција на „Старлинк“ на маск

Project Kuiper
Project Kuiper

По успешните тестови, американската компанија „Амазон“ конечно е подготвена да ги лансира првите сателити од својот вселенски интернет-проект наречен „Проект Кајпер“ (Project Kuiper).

Тоа, всушност, ќе биде соперничка мрежа на „Старлинк“ (Starlink) на американскиот милијардер Илон Маск. Така, првите 27 сателити од мисијата „КА-01 (Кајпер атлас 1)“ ќе бидат лансирани во ниската орбита на Земјата (НЗО) со ракетата „Атлас V“ на „Јунајтед лаунч алајанс“ (United Launch Alliance) на 9 април од Кејп Канаверал, Флорида, САД, доколку временските услови го дозволат тоа. За овој потфат компанијата на Џеф Безос соработува и со „Аријанспејс“ (Arianespace), „Блу ориџин“ (Blue Origin), но и со соперничката компанија „Спејс-Икс“ (SpaceX) на Илон Маск.

„Амазон“ се надева дека на овој начин ќе понуди брз интернет веќе годинава.

Мрежата ќе се состои од 3.200 сателити коишто ќе ја покријат целата наша планета. Инаку, сателитот на „Амазон“, во облик на чинија од околу 18 цм, (којшто е помал од „Мини“ на „Старлинк“), ќе испорачува брзина до 100 мегабити во секунда, додека употребата на поголеми чинии ќе ја зголеми брзината на 1 гигабит во секунда.

Цената на тој терминал ќе биде помала од 400 долари, според првичните наводи.

Мрежата на „Спејс-Икс“ во мигов има повеќе од 7.000 сателити.

Преносот и поставувањето на првите „Кајпер“ сателити ќе биде и најголемото оптоварување за ракетата „Атлас“ што ќе го носи во Земјината Орбита, а познато е дека ќе полета во најмоќната конфигурација, односно со пет ракетни засилувачи покрај главниот засилувач. И покрај успешните тестови, мисијата не е без ризици. Ова е прв пат да се лансираат сателити со финален дизајн, а воедно е и најголемиот број сателити до сега.

Зачлени се на нашиот е-билтен