Баба Монди првпат проговори каква ќе биде бекташката држава во Албанија

Светскиот водач на Бекташите, Баба Монди (Едмонд Брахимај), кого следбениците го знаат под титулата хаџи деде баба Монди, во интервју за Еуроњуз Албанија по првпат проговори за тоа каква ќе биде бекташката држава во Албанија и напредокот на чекорите за нејзино создавање по предлогот на премиерот Еди Рама.

Тој рече дека проектот има целосна поддршка од пријателите на заедницата, вклучувајќи ги муслиманската и православната заедница, со кои е потпишан договор за основање на светско седиште на бекташтвото и за давање на оваа заедница глобален статус.

-Пријателите нè поддржуваат, бидејќи ние не сме фактор на поделба, ние сме љубители на мирот. Муслиманската заедница потпиша, православната заедница исто така го потпиша договорот што го направивме со нив – Бекташтвото да има светско седиште, да добие глобален статус. Значи, ние не сме во војна со никого. Се бориме за себе, да бидеме мирни, добродушни, да ги образоваме луѓето за да имаат знаење, а не незнаење. Бидејќи, како што е познато, трите главни непријатели на човештвото се незнаењето, сиромаштијата и индивидуалната себичност, нагласи Баба Монди.

Потоа, го објасни напредокот на планот на премиерот за создавање бектешка држава во Албанија, нагласувајќи дека се формирани заеднички работни групи меѓу претставници на владата и оваа заедница.

-Покрај она што го кажа премиерот во ОН, процесот продолжува. Сега е на властите да продолжат понатаму. Добивме информации дека ова ќе се случи, а многу претставници на светската бекташка заедница работат во соработка со владини работни групи за да донесат одлука и декрет за ова прашање. Дали ќе биде држава или мини-држава, тоа ќе се знае по официјална одлука. Сè уште не знаеме, бидејќи тие се оние кои ќе одлучат за иднината на бекташтвото во Албанија. Тие ќе бараат најразумно решение, без уставни прекршувања или правни противречности. Само премиерот и иницијативната група знаат точно како ќе се движи ова прашање напред, вели тој.

Додаде дека очекува да се одлучи „нешто разумно што нема да биде во спротивност со Уставот и законите на Албанија“.

-За нас ова е чудо. Државата ќе има правила и Устав што ќе биде во согласност со законите на Албанија. Нема да излегуваме надвор од овие закони, нема да има посебна армија или полиција во нашата држава. Ќе останеме какви што сме, но ќе има промена во дипломатскиот и правниот аспект. Сè друго ќе продолжи како што е денес, никогаш не сме биле вклучени во политиката, заклучува Баба Монди.

Албанскиот премиер Еди Рама минатата година најави создавање „држава-енклава на исламски суфиски поредок – бекташите“, по моделот на Ватикан, која ќе биде една од најмалите држави во светот. Таа ќе има своја администрација, но без даноци и полиција, со што нема да го оспори суверенитетот на Албанија.

-Историјата на бекташите сама по себе е импозантен повик светото седиште на Светскиот центар на бекташи да добие статус сличен на Ватикан. Симболичната држава ќе биде без ѕидови, без полиција, без војска, без даноци и други атрибути. Таа ќе биде духовна држава, рече тогаш Рама.

Бекташкиот ред е основан во Отоманската Империја во 13 век како гранка на суфизмот, редот на бекташите е со седиште во Албанија од 1929 година, откако неговото практикување било забрането во Турција, кога таму беше претседател Мустафа Кемал Ататурк.

Според пописот од 2023 година, околу 50 отсто од 2,4 милиони жители на Албанија се муслимани. Мнозинството се сунитски муслимани, додека околу 10 отсто од муслиманите ѝ припаѓаат на заедницата на бекташите. 

Зачлени се на нашиот е-билтен