Бериша ја претстави изборната коалиција „Алијанса за величествена Албанија“, нарекувајќи ја коалиција на апсолутното мнозинство

Лидерот на Демократската партија и поранешен албански премиер, Сали Бериша, денеска ја претстави коалицијата „Алијанса за величествена Албанија“ за изборите на 11 мај, која ја опиша како „најсилната коалиција во последните 32 години, која го претставува апсолутното мнозинство“.

Бериша рече дека „ова е многу посебен ден во историјата на напорите на Албанците за слобода и достоинство“.

-Оваа коалиција го претставува не само апсолутното мнозинство албански граѓани, туку и политичката и сеопфатна елита на албанската нација. Оваа коалиција ги има сета волја, патриотизам и посветеност Албанија да ја направи величествена. Да се ​​направи Албанија место каде што нејзините слободни граѓани ќе ја заборават незаслужената, нечовечка болка на екстремната сиромаштија, каде што нејзините граѓани, синови и ќерки својот најубав сон, ќе го изградат во Албанија, додаде тој, изразувајќи уверување дека 2025 година е година на дијаспората, која според него „го направила својот избор да ја спаси Албанија“.

Презентирајќи заложбите на „идната влада предводена од ДП“ Бериша, меѓу другото вети дека минималната плата во првите три месеци ќе достигне 500 евра, а просечната плата не пониска од 1.200 евра.

-Нема поголема обврска од даноците што ги собирате од граѓаните, да ги вратите директно во добрина, во благосостојба, да ги ослободите од маките за купување храна, лекови итн. На граѓаните ќе им се врати ДДВ-то што го плаќаат за храна, пресметано од експерти на 450 евра со корисничката картичка. Нафтата нема да биде ни цент поскапа од Косово, додека струјата ќе се намали на седум лека, а за бизнисите ќе биде шест лека или трипати поевтина. Ќе направиме се за да ги трансформираме природните ресурси на оваа земја во благослов за албанските граѓани, вети Бериша.

Според него, производството „Made in Albania“ ќе биде национална гордост, а со инвестирање ќе ја „трансформираме Албанија во регионална енергетска велесила“

-Ние навистина одиме како најширока коалиција во историјата, но одиме со најдобрата програма што Албанија некогаш ја знаела во своето постоење, порача Бериша.

Во изборната коалиција, предвоена од ДП, се 26 партии, меѓу кои и Партијата на слободата на Илир Мета, Републиканската на Фатмир Медиу, како и македонската партија, македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, чиј лидер е Васил Стерјовски, на грчкото малцинство, Партија за заштита на човековите права на Вангел Дуле и Партијата за правда, интеграција и единство, партија на Чамите, на Шпетим Идризи.

Зачлени се на нашиот е-билтен