Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Британски генерал: Подготвени сме уште вечерва да се бориме со Русија

Британската армија е подготвена да се бори против Русија уште „вечерва“ доколку таа изврши инвазија на друга европска нација покрај Украина, изјави висок воен претставник на Обединетото Кралство.

Генерал-полковник Сер Роб Магован, заменик-началникот на одбранбениот штаб, инсистираше на тоа дека Британија никогаш нема да се оддалечи од одбраната на сојузниците среде растечките закани за нуклеарни напади од Владимир Путин.

Во четвртокот, трупите на Путин користеа ново балистичко оружје во Украина, што тој рече дека е одговор на тоа што Обединетото Кралство и САД дозволија ракетите што ги доставуваа до Киев да се користат за удари врз руски цели.

Сер Роб изјави пред комисијата за одбрана на Долниот дом на Британскиот Парламент: „Ако од британската армија беше побарано да се бори вечерва, таа ќе се бори вечерва.“

Во телевизиско обраќање, рускиот претседател Путин рече: „Сметаме дека имаме право да го користиме нашето оружје против воени објекти на оние земји кои дозволуваат нивното оружје да се користи против нашите објекти“.

Се верува дека Велика Британија дозволила нејзините ракети „Storm Shadow“ да ги користат украинските сили во регионот Курск во Русија, додека САД дале дозвола нивното оружје ATACMS да биде истрелано врз цели во земјата на Путин.

Путин потврди дека Русија го тестирала новото оружје со среден дострел во нападот на Днипро како одговор.

САД соопштија дека новата и експериментална ракета со среден дострел е базирана на постоечкиот руски РС-26 Рубеж.

Нејзиниот дострел далеку го надминува оној на новоовластеното оружје испорачано од САД и Британија, кое може да погоди цели на околу 250-300 километри.

Растојанието од Москва до Лондон е околу 2.500 километри, што сугерира дека дострелот на новата ракета може да ја загрози Велика Британија, пишуваат британските медиуми.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека руската употреба на новото оружје е „јасна и тешка ескалација на обемот и бруталноста на оваа војна“.

„Ова е уште еден доказ дека Русија нема интерес за мир“, напиша тој на X, поранешен Твитер.

„Путин не само што ја продолжува војната – тој им плука во лице на оние во светот кои искрено сакаат да се врати мирот“.

Зачлени се на нашиот е-билтен