Македонскиот институт за медиуми денеска ги додели новинарските награди „Никола Младенов“ за 2024 година во три категории: најдобра истражувачка сторија (прва, втора и трета награда), најиновативен новинарски производ и најдобра репортерска фотографија.
Првата награда за најдобра истражувачка сторија ја доби серијалот за тендери во енергетскиот сектор, објавен во емисијата КОД. Втората награда ја освои серија текстови за Државна Лотарија, објавени на Радио Слободна Европа од новинарот Петар Клинчарски, а третата награда ја доби Истражувачката репортерска лабораторија за истражувањето „Украдени животи“.
Наградата за најиновативен новинарски производ беше поделена меѓу тимот на ИРЛ за новинарскиот проект „Мобилна редакција Кичево“ и тимот на КОД за видео сторијата посветена на грабнувањето и убиството на малата Вања.
Наградата за најдобра репортерска фотографија му беше доделена на фотографот Ѓорѓи Личовски за фотографијата „Ловец на Метеори“.
Беа доделени и пофалници за истакнат ангажман. Меѓу наградените е и новинарката Мирослава Симоновска за истакнатиот ангажман во истражувачката новинарска категорија.
Пофалници добија и новинарите Мери Јордановска и Антонија Јаневска, Билјана Николовска Тодорова, Александар Димитриевски, Александар Методијев и Сузана Мицева.
Наградите „Никола Младенов“ се доделуваат традиционално од 2001 година, а од 2013 година носат името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.