Додик има голем имот во ЕУ, му следува „ураган“ од санкции

Ова е само почеток на „ураганот“ од санкции кои ги очекуваат луѓето што прават лоши работи во Босна и Херцеговина – изјави за Федералната ТВ министерот за надворешни работи на БиХ и претседател на НИП, Елмедин Конаковиќ, коментирајќи ги санкциите што Австрија и Германија ги воведоа за функционери од Република Српска.

Тој истакна дека уште земји-членки на Европската Унија ќе ја следат одлуката на Германија и Австрија.

„Убеден сум дека, доколку не постоеше консензусот и блокадата од Унгарија, Европската Унија директно ќе воведеше санкции. Но бидејќи проблемот со носење одлуки е очигледен, сигурно ќе има и други земји кои ќе ги следат овие санкции, а и ќе воведат нови. Посветеноста на Европа кон БиХ повторно е на нивото што го посакувам“, порача Конаковиќ.

На прашањето зошто сè уште не се приведени Милорад Додик, Радован Вишковиќ и Ненад Стевандиќ, тој одговори:

„Тоа е прашање за безбедносните агенции и правосудството. Цврсто ја поддржуваме нивната одлука да не му дозволат на Додик, евентуално преку некој конфликт, да се обиде да се сокрие зад хаосот. Се работи за стратегија – големите риби не се фаќаат набрзина. Се следат неговите движења, се планира. Денес неколку тимови се занимаваат со Додик, кој веќе не е безбеден ни во Република Српска. Убеден сум дека ќе биде уапсен или ќе избере бегство како алтернатива за делата што ги направил.“

Конаковиќ рече дека е фокусиран на политичкиот притисок кој, како што тврди, веќе дава резултати:

„Почнавме преговори за нова коалиција. Никој не сака да седи на иста маса со Додик. Тој е целосно непожелен соговорник. Оној што би му помогнал политички, би исчезнал од сцената. Тоа ми е особено важно.“

Се осврна и на одбивањето на Интерпол да издаде меѓународна потерница за Додик:

„Тој тоа го претставува како победа – но делото не е избришано. Тој се обидува да ги охрабри луѓето околу себе со тоа, ама нека чита вести – го чекаат нови санкции, забрани, конфискации. Има многу имот во земји од ЕУ, тоа го знам сигурно. Многу брзо нема да може да смета на тој имот. Таа негова мала претстава нема да трае долго. Веќе се судрува со реалноста“, изјави Конаковиќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен