Економистите веќе прогнозираат кога САД би можеле да влезат во рецесија

Фото: EPA-EFE/SARAH MEYSSONNIER / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика економски потреси со најавата за нови, високи царини за низа земји, само ден по прогласувањето на својот потег како „Ден на ослободување“. Експертите предупредуваат дека ваквите чекори може да ги оддалечат трговските партнери од САД и да создадат дополнителна нестабилност на берзите.

Според Марк Вилијамс, професор по финансии на Универзитетот во Бостон, доколку продолжи оваа ситуација, „САД би можеле да влезат во рецесија веќе во јуни годинава“.

Трамп најави царини од 34% за кинеска стока, 2% за производи од ЕУ, 24% за јапонски производи и 26% за индиски. Царините, како што тврди, се одговор на „измами и постојни тарифи“ против САД. Но, Вилијамс оценува дека овие потези се „магично економско размислување“ и целосно ги игнорираат децениските принципи на глобалната трговија.

„Тоа е лудост – да се однесуваш како САД сами да ја контролираат целата табла. Трговијата е глобално испреплетена. Трамп се коцка, надевајќи се дека партнерите ќе прифатат услови што ним им штетат, а на САД им користат“, вели Вилијамс.

Берзата веќе реагираше: индексот S&P 500 опадна повеќе од 12% од февруари, избришувајќи вредност од околу 4 трилиони долари. Во четвртокот, индексот повторно падна за 3%.

Атланта Федералната банка веќе ја намали прогнозата за економскиот раст во првиот квартал на 2025 на -2,8%. Ако ваквиот тренд продолжи уште два квартала, САД би можеле официјално да влезат во рецесија до јуни.

Професорот Кристијан Тиу од Универзитетот во Бафало предупредува дека најлошото сценарио би било стагфлација – инфлација во услови на слабеење на побарувачката и економски застој. Дополнително, нејасно е како ќе се одразат царините врз цените, бидејќи денешните производи, како автомобилите, се составени од делови од целиот свет.

И додека неколку републикански сенатори се обидуваат да го ограничат Трамповото овластување за воведување царини, предлогот веројатно ќе пропадне во Претставничкиот дом. Демократскиот сенатор Крис Марфи остро коментираше дека потегот личи на нешто што би го направил некој што сака засекогаш да остане на власт.

Поранешниот потпретседател Мајк Пенс оцени дека Трамповата царинска политика е најголемиот даночен товар во мирнодопската историја на САД и ќе ги чини американските семејства повеќе од 3.500 долари годишно.

Според анкетите, 56% од Американците се против новите царини, а дури 64% од републиканците веруваат дека тие ќе доведат до поскапување на животот.

Сепак, Трамп останува непоколеблив и објави на својата платформа Truth Social: „Операцијата завршена! Пациентот преживеа и закрепнува, прогнозата е: посилен, поголем, подобар и поотпорен од кога било. Да ја направиме Америка повторно голема!!!“

Зачлени се на нашиот е-билтен