Судот во Иран го осуди познатиот филмски режисер Мохамед Расулоф на осум години затвор и камшикување за злосторства против националната безбедност, изјави неговиот адвокат Бабак Пакнија.
Тој рече дека судот утврдил дека филмовите и документарците на Расулоф се „примери за заговор со намера да се изврши злосторство против безбедноста на земјата“.
„Судот, исто така, изрече неодредена парична казна и нареди заплена на имотот на Расулоф“, додаде Пакнија.
Расулоф ја доби Златната мечка за 2020 година за најдобар филм на Берлинале за „Не постои зло“, а неговиот филм „Човек со интегритет“ доби признание во Кан во 2017 година.
Најновото дело на писателот и режисер, „Семето на светата смоква“, треба да биде премиерно прикажано следната недела на Канскиот филмски фестивал во Франција.
Непосредно пред прикажувањето на новиот филм, иранските власти испрашувале некои актери и им забраниле да ја напуштат земјата, а на Расулоф му рекле да го повлече филмот од фестивалот, тврди Пакнија.
Во 2022 година, иранскиот суд го осуди Расулоф на една година затвор и му забрани да снима филмови на две години, бидејќи, како што се наведува, вршел пропаганда против системот.
Иранската асоцијација на независни режисери ја критикуваше најновата казна и истакна дека „независните кинематографери ја осудуваат неважечката пресуда против Мохамад Расулоф и стојат покрај него и сите уметници кои се потсмеваат на цензурата на владата“.