Се поголемата употреба на странцизми, особено англицизми во македонскиот јазик придонесе се поголемо користење на новосоздадени зборови и жаргонска лексика, не само во разговорниот, туку и во јазикот за официјалната употреба, во медиумите и пред сѐ на социјалните мрежи. На оваа тема разговаравме со Викторио Јаковлески, кој на социјалните медиуми недоамна го започна проектот „Македонија се сака и кога…“, со цел да укаже на крупните грешки кои се прават при употребата на македонскиот јазик.
Хусамедин ГИНА
Поаѓајќи од фактот дека македонскиот јазик не се почитува и дека се вулгаризираат зборовите за секојдневно изразување, поранешниот новинар Викторио Јаковлески со цел да ги нотира крупните грешки на социјалните медиуми и во останатиот јавен простор, го започна проектот „Македонија се сака и кога…“.
Потсетувајќи дека јазикот претставува идентитет и културно обележје на еден народ и дека неопходно е да се негува, односно правилно да се употребува, за да може да се зачува, Викторио потсети на изјавата на Блаже Конески кодификаторот на современиот македонски литературен јазик, кој има кажано: „Јазикот е единствената наша татковина“.
„Посебно ме иритираше кога колегите ги слушав на телевизија со безброј странцизми, со пеење при читање на оф тон, на текстот пред камера. И можам да кажам дека сега сме во предизборен период, кога сите ја сакаме и ја почитуваме татковината. Наоѓаме начини како да ја заштитиме. Ама Блаже Конески мудро рекол дека јазикот е нашата татковина. Па ете еден од начините и за политичарите и за новинарите и за целата јавност како може да ја почитуваме нашата татковина и да ја одбраниме. Зошто да не го почитуваме и да го сакаме она што го имаме“.
Според Викторио генералните причини за грешките во македонскиот јазик се недоволната едукација при учење на македонскиот јазик во основните и средните училишта, помодарството и пишувањето на латиница.
„И кога ќе ги прашам колегите и пријателите зошто пишувате на латиница, одговорот е така ми е полесно. Не може да биде полесно. Ако наша е кирилицата, ако целиот свет не препознава по кирилицата, ако има други народи што го користат тоа писмо со поголем апетит и пиетет кон него, зошто ние да не го сакаме, почитуваме и применуваме Кириличното писмо“
Нагласува дека до сега на социјалните медиуми има направено околу 40-тина слајдови од проектот „Македонија се сака и кога…“ и вели дека неговите следбеници и пријатели бараат нови и го подржуваат во тоа што го прави.
„Прво мислев дека ќе биде што се занесува овој, што има да не учи. Јас не сум лектор, не сум јазичар, немам македонистика завршено. Меѓутоа целта ми беше да ги нотирам крупните грешки. Односно да кажам дека имаме излез и со друг збор, друг начин на изразување и друга форма. Така што тоа ми беше целта. Јас да си ги кажам проблемите а дали ќе има одзив или не, не ми беше тоа пресметано“
Викторио додавајќи дека нема планови за надградување на проектот во иднина рече дека едноставно ќе продолжи со нотирање на слабостите и работите што него му пречат кога ќе ги слушне, без разлика на тоа на каков одзив ќе наиде на социјалните мрежи.
На прашањето „Македонски јазик се сака и кога…“, Викторио јасен и прецизен.
„Македонскиот јазик се сака и кога се употребува, кога се учат новите зборови. Еве ќе кажам еден пример. Ретко кој од јазиците има три прекрасни збора за еден природен феномен. Ние имаме ѕуница, божилок и виножито за лакот што се создава после дожд. Зошто да не ги користиме. Зошто се отуѓени зборовите како малкунѕа, онолкунѕа, трошинѕа. Стари се, звучат смешно. На почеток почнав да ги употребувам, дома ми се смееја сега веќе ги слушам како ги употребуваат дома“.
Најголемите грешки, според Викторио се случуваат во гововорниот јазик.
Истакнувајќи дека дијалектите кои се користат се богатството на земјата рече дека се прашува зошто е потребата збор кој го има на македонски јазик да се кажува на англиски.
Викторио, особено нагласи дека медиумите посебно треба да обврнат внимание на правоговорот и правилното пишување, затоа што медиумот ги учи луѓето.
Во интервјуто за Рацин.мк Викторио потенцираше дека најмногу се иритира кога ќе ги слушне објаснувањата од видот „правнички јазик“, „полициски јазик“…
„Не постои правнички јазик, не постои полициски јазик, постои македонски јазик“, заклучи Викторио Јаковлески.