Кина бара консултации со САД по новиот бран царини на Трамп

Кина упати повик до Вашингтон за „еднакви консултации“ по последниот бран американски царини што ги воведе претседателот Доналд Трамп, што предизвика остра реакција од Пекинг и турна дел од глобалните пазари во пад.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, преку објава на Фејсбук посочи на падот на американските берзи во петокот, коментирајќи дека „пазарот проговори“ и дека е време САД да престанат со „погрешните политики“ и да се вратат на рамноправен дијалог со трговските партнери.

Во официјално соопштение, Пекинг го обвини Вашингтон дека ги користи царините како средство за притисок врз кинеската економија и трговија, и дека на тој начин се поткопуваат „легитимните права за развој на кинескиот народ“. Кинеските власти најавија продолжување на „решителните чекори за заштита на суверенитетот и економските интереси“.

Хонг Конг, пак, најави дека нема да преземе контрамерки, при што министерот за финансии Пол Чан нагласи дека градот останува отворен економски центар и дека слободната трговија е клучна за неговата улога во светската економија.

Претходно, Трамп воведе дополнителни 34% царини за кинески стоки, зголемувајќи ги вкупните тарифи за Кина на 54% оваа година. Како одговор, Пекинг воведе идентични мерки за американски производи, вклучувајќи ограничувања на извозот на ретки минерали. Овие потези дополнително ја ескалираат трговската војна меѓу двете најголеми светски економии, придонесувајќи за пад на индексот СиП 500 за 9% само во текот на една недела.

Зачлени се на нашиот е-билтен