Кинеската влада денеска оцени дека одлуката на САД да ги изземе паметните телефони, компјутерите и другите електронски производи од дополнителни царини е „мал чекор за корекција на лошите американски практики“.
„Одлуката е мал чекор за САД да ја поправат својата лоша практика во врска со еднострано донесените реципрочни царини“, рече портпаролот на кинеското Министерство за трговија во соопштението.
САД, кои се среде трговска војна со Кина, одлучија да ги изземат паметните телефони и компјутерите од неодамнешните царински мерки што ги воведе претседателот Доналд Трамп, објави вчера тамошната царинска служба.
Овие наведени исклучоци се однесуваат на електронски производи увезени во САД од Кина, на кои Трамп воведе царини од 145 проценти.
Полупроводниците се ослободени од тарифата од 10 отсто што се применува на повеќето американски трговски партнери.
Одлуките доаѓаат како олеснување за американските потрошувачи, кои беа изложени на ризик да се соочат со зголемување на цените на овие популарни производи.
Трговската војна што ја започна Трамп се претвори во дуел бидејќи тој најави дополнителни царини од 125 отсто за Кина во средата, во исто време кога ги одложи царините за 90 дена за околу 60 други трговски партнери.
Републиканскиот милијардер веќе воведе царини од 20 отсто на Пекинг за наводно да го казни поради неговите лаборатории кои произведуваат фентанил, опиоидот одговорен за сериозната здравствена криза во САД.
Пекинг одговори во петокот објавувајќи дека ќе ги зголеми царините за сите американски производи кои влегуваат на нејзина територија на 125 отсто. Таа мерка стапи на сила вчера.
И покрај тензиите меѓу двете водечки економски сили во светот, Трамп во петокот рече дека е оптимист за постигнување договор со Пекинг.