Председателот на Република Србија, Александар Вучиќ, го предложи професорот Ѓуро Мацут за мандатар за состав на новата Влада на Србија. Оваа одлука беше соопштена вчера, а српските медиуми веќе пишуваат за неговото потекло и професионалната кариера.
Мацут е роден во 1963 година во Белград, каде што дипломирал на Медицинскиот факултет. По дипломирањето, тој ја завршил специјализацијата од интерна медицина, потоа специјализација од ендокринологија, а на крајот ја одбранил докторската дисертација. Тој завршил и специјализација во репродуктивната медицина организирана од Универзитетот во Женева и Светската здравствена организација (СЗО).
Мацут е и гостин професор на Медицинскиот факултет во Атина. Неговото истражувачко поле се ендокринологијата, особено метаболичките и репродуктивните болести, како што се синдромот на полицистични јајници и инсулинска резистенција. Тој е началник на Одделот за тумори на ендокриниот систем и наследни синдроми на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот.
Кариера и академски успеси
Од 2019 година, Мацут е редовен професор на Медицинскиот факултет во Белград, каде што предава на студентите по интерна медицина. Според информации од медиумите, тој се усовршувал на универзитетите во Болоња, Женева, и Оксфорд. Автор е или коавтор на повеќе од 140 оригинални научни трудови, објавени во водечките меѓународни списанија.
Мацут е одликуван со орденот на Караѓорѓевата ѕвезда втор степен од страна на Вучиќ, а одликувањето се случи минатата година.
Политичката поддршка и јавен настап
Мацут не бил политички активен во минатото, но на јавноста и е познат по својот настап на собирот во Јагодина, кога го поддржал оснивањето на „Покретот за народ и државу“, кој го најави Вучиќ. Тогаш изјавил дека „во текот на својата медицинска практика не бил член на ниту една политичка партија или лоби, и сè што постигнал е негово лично достигнување“.
Новиот мандатар за состав на владата е исто така познат по својот настап пред „студентите“ на контрапротестите поддржани од Вучиќ во „Чаци-ленд“, кои не сакаа да одат заедно со останатите туку сакаа да учат, каде што и порача на јавноста дека „политиката не треба да биде дел од универзитетите“.
Мацут има сопруга и едно дете, и говори англиски јазик. Со своите искуства и со поддршката од Вучиќ, неговата политичка кариера, како и иднината на српската Влада под негово водство, сега се на голем предизвик.