Секој еден градоначалник и политичар треба најпрвин да биде човек, а потоа се останато, напиша градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, на својот фб профифл.
Многу сум радосен за прекрасниот почеток на новата работна седмица, и исклучително горд што еден мој предлог доби преубава завршна реализација. Денес во познатото Чифлик маало, свечно го предадовме во употреба комплетно реконструираниот објект на Четврта Месна заедница, кој е доделен на трајно користење на Фондацијата „Елеуса“.
Во објектот се сместени канцелариите на Фондацијата како и магацинскиот простор за подготовка на хуманитарни пакети и други потреби за социјално загрозените семејства и поединци. Дополнително, преку објектот ќе се имплементира сервис од Програмата за рехабилитација и реинтеграција на жените жртви на семејно насилство, преку „Куќа на половина пат“.
Реконструкцијата е компленто извршена со буџетски средства на Општина Струмица, откако мојот предлог беше едногласно прифатен од Советот на општина Струмица.
„Им благодарам на сите советници, а на Викарниот Епископ Јаков Стобиски и луѓето од Фондацијата „Елеуса“, како и на Здружението „Скај плус“, им честитам на добиените простории, со верба во нови достигнувања во нивната благородна мисија“, напиша Костадинов.
Воедно денес, 25 ноември, се одбележува и Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, кој има за цел да ја зголеми свеста за овој глобален проблем. Овој ден ја истакнува потребата за акција и поддршка за жртвите на насилство и борбата за нивни права и безбедност.