Македонија со највисоки сметки за струја на Балканот – Што да очекуваат граѓаните?

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) подготвува измена на правилата за снабдување со електрична енергија, со што ќе се воведе месечно отчитување на броилата, наместо досегашното квартално отчитување. Оваа измена е одговор на големиот број поплаки од граѓаните кои се жалат дека платиле за повеќе електрична енергија отколку што реално потрошиле, особено во зимските месеци. Очекувањата се дека месечното отчитување ќе доведе до поблиски и поточни пресметки на сметките, наместо паушалните пресметки кои беа чест извор на незадоволство.

„Измената на Правилата за снабдување со електрична енергија предвидува отчитување на броилата на почетокот на секој календарски месец, освен во оддалечени подрачја и места каде што операторите на електродистрибутивниот систем немаат пристап,“ стои во образложението на РКЕ. Оваа мерка има за цел да обезбеди поголема заштита на правото на потрошувачите за правично определување на висината на сметките врз основа на реалната потрошувачка.

Здружението на инженери на Македонија, исто така, побара промени на правилата, барајќи ЕВН да издава сметки од 420 денари, со прикажување на 0 kWh, доколку не е извршено отчитување. По тоа, кога ќе се направи реално отчитување, потрошувачите ќе добијат коригирани сметки.

И покрај тоа што сме лидери по високи цени, струјата од јануари поскапе во просек за 0,92%. Граѓаните веќе реагираа на зголемените сметки – некои добиле 12.000 денари, други 8.500 денари за греење на стан од 40 м², а во некои случаи сметките од 7.000 денари скокнале на 16.000 денари.

За само еден месец, од 24 декември до 25 јануари, на адресата на ЕВН Хоум пристигнале 15.000 барања за корекции на високите сметки за струја, од кои само 2.200 биле основани. Останатите сметки биле утврдени како соодветни на реалната потрошувачка, иако многу потрошувачи се жалеле на непредвидени трошоци.

Покрај тоа, Македонија продолжува да плаќа меѓу највисоките цени на електрична енергија на Балканот, што дополнително ја зголемува напнатоста во јавноста. За многумина, ова е сериозен проблем кој бара итна реакција од владата и енергетските власти.

Според последните објавени податоци од Евростат за минатата година, Северна Македонија има најскапа електрична енергија за домаќинствата во регионот, со просечна цена од 6,08 денари за киловат-час. Веднаш по неа се Албанија и Црна Гора со цена од над 5,5 денари, додека најниска цена има Косово – 4,05 денари/kWh, што е речиси 34% поевтино од кај нас.

За споредба, и граѓаните на Унгарија, која е членка на ЕУ, плаќаат пониска просечна цена од македонските домаќинства – 5,29 денари/kWh.

РКЕ најави дека измените ќе стапат на сила наскоро, иако процесот на работа со Министерството за енергетика траел подолг период. Очекувањата се дека новото месечно отчитување ќе ја подобри точноста и транспарентноста на сметките за електрична енергија, но ќе се следи како ќе се справат со досегашните поплаки и големите разлики во цените.

Во Македонија има вкупно 820 илјади броила. Според законот, ЕВН Хоме е должно квартално (на секои 3 месеци) да ги отчитува броилата за да се осигури дека податоците се точни. 

Зачлени се на нашиот е-билтен