Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Муча: За да се преведе едно дело потребен е афинитет, талент и макотрпна работа

Албанскиот писател Исмаил Кадаре (1936) во светската книжевност се прославува со романот „Генералот на мртвата војска“. Го сметаат за еден од најголемите европски писатели и интелектуалци на 20 век. Неговите дела се преведени на 50 светски јазици. Една од нив е и македонскиот јазик. Неговите дела на македонски јазик ги преведува Алида Муча.

Со Алида Муча за Рацин.мк разговараше Хусамедин Гина

Муча до сега има преведено три дела на Исмаил Кадаре, којшто до сега има објавено десетина книги поезија, раскази и романи и есеи, од кои најпознато дело му е романот „Генералот на мртвата војска“.

За порталот Рацин.мк се преставува како пензионерка, баба на Ева и на Јана, којшто во слободно време сака да се нурне во некоја друга стварност, да преведе нешто убаво за читателите во земјава.

На прашањето зошто се одлучила да ги преведува токму книгите на Кадаре, Алида Муча истакна дека романот „Генералот на мртвата војска“ стоел во скромната библиотека на нејзините родители и едноставно нејзе го привлекува насловот, како што рече таа  “има некоја мистика“.

Нагласувајќи дека кај искусните преведувачи не би смеело да се случи да се загуби суштината на делото при преведувањето, Алида Муча додаде дека при преведување едноставно се обидува да биде на фреквенција со авторот, а исто така го доживува и делото.

Муча осврнувајќи се на тоа како ја воспоставува врската со авторот на делото рече дека треба да се има сенс за чувствување на делото, бидејќи тоа е еден нов свет за вас, предизвик, нешто сосема друго од секојдневието.

„Тоа е на некој начин и афинитет, талент. Талент и макотрпна работа. Мислам дека нема добар преведувач којшто можел да претрча во краток рок низ едно дело без претходно да го прочита, да го проучи добро, да ги проучи карактерите. Оној принцип, време, место, случувања. Едноставно го чувствувате авторот. Ја чувствувате атмосферата, сензибилитетот на авторот. Фреквенцијата. Тоа е тоа што едно дело го прави, односно еден превод го прави впечатлив. Практично за читателот е многу битно кога ќе ја чита книгата да нема чувство дека чита превод“.

Од многу богатиот опус на Кадаре Алида Муча до сега ги има преведено три книги, тоа се „Генералот на мртвата војска“,  „Прогонетата“ и „Куклата“.  Нејзе најмногу впечаток и остава  книгата „Генералот на мртвата војска“.

„Богата со метафори, градации, пасажи со многу психологозирање, значи пренесување на ликовите, психолошките аспекти. Пред се ликот на Генералот е импозантен. И веројатно авторот тука многу се помачил да ни го престави Генералот на начин на којшто е направено во книгата со сите негови колебања, во однос на тоа што е правично, а што неправично во тоа што го прави. Една после воена атмосфера полна со очекувања, кога луѓето ги изгубиле своите најблиски, политички очекувања, емоционални очекувања“.

Авторот Исмаил Кадаре во книгата „Генералот на мртвата војска“ користи приказни од грчката митологија. Тоа на Алида Муча му создава поголеми проблеми при преведувањето, но сепак се снаоѓа.

“Особено сум збунета кога за метафори авторот ги користи да речеме приказните од рчката митологија. На тој начин се обидува некои нешта, преку метафоризирање, преку алегорија да ни ги направи достапни, јасни. А се снаоѓам на тој начин што морам да отворам и книга со митови и легенди па да го проучам митот,  да го сфатам зошто е токму тука и на тој начин преставен во тој контекст. И едноставно да го вклопам во останатиот дел од книгата. “

Таа додаде дека откако ќе започне со преведувањето влегува во еден сосема друг свет каде што треба соодветно да ги пренесе очекувањата на авторот, притоа да не ги разочара ниту авторот, ниту пак потенцијалните читачи.

На прашањето дали се изолира кога почнува да преведува една книга, Алида Муча рече дека тој период добро е да се постигне спокој со самиот себе и да се знае да се направи дистанца од она што се секојдневни проблеми.  

Наведувајќи дека преводот го започнува кога дома нема гужва или сите си заминуваат на спиење Муча додаде дека на најуспешните делови на преводот ги прави кога преведува доцна во ноќта околу 3 и 4 часот.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново