Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Некој подметнува меѓуетнички тензии во гостиварско Галате, село со мешовит етнички состав

Фото: Принтскрин од видео објавено на социјалната мрежа Инстаграм
Фото: Принтскрин од видео објавено на социјалната мрежа Инстаграм

На социјалните мрежи денеска кружи видео снимено околу црквата Св. Петка во госитварското село Галате. Во видеото, кое беше пренесно од голем број македонски медиуми без дополнителен контекст, се гледа багер и полицајци околу црквата. Тој што го снима видеото тврди оти тој и други биле спречени во чистењето и реновирањето на црквата и дека полицајците „добиле насоки од обвинител“ да ги приведат сите.

Неколку часа по објавата на видеото, Јавното обвинителство соопшти дека „јавен обвинител нема издадено наредба за приведување или задржување на ниту едно лице“ во случајот. Станувало збор за пријава поднесена од општина Врапчиште за недозволено вршење градежни работи во непосредна близина на магистрален пат.

Од СВР Тетово, исто така, велат дека на 09.09.2024 г. полицајците излегле на терен по пријава од инспектор за урбанизам од општина Врапчиште. При увидот тие разговарале со граѓани кои што го чистеле црковниот двор и околината на самиот објект.

„Притоа не се одземени никакви предмети од затекнатите граѓани, ниту пак е извршено некакво приведување. За настанот е известен надлежен ОЈО“, велат од МВР.

Но, тоа не ги спречи медиумите да објавуваат непотврдени и манипулативни содржини кои можат да поттикнат меѓуетничка нетрпеливост. Медиумот Антропол во насловот пишува дека изгледало „Како да апсат терористи!“. Телма пренесе оти била „запрена изградба на црква во Галате со интервенција на полицијата“, иако воопшто не станува збор за изградба на црква.

Лидер го пренесе во целост текстот кој конзервативниот инфлуенсер „Боемот“ го напишал за ситуацијата на социјалната мрежа Инстаграм. Тој дава историски и географски контекст за црквата. Таа наводно била „многу оштетена“ во конфликтот во 2001 година. „Боемот“ потенцира дека сите села во близина се албански, освен Галате, кое е „македонско, целосно православно“. Тој пишува дека градоначалникот на Врапчиште Исен Шабани (за кого потенцира дека е „поставен“ од ДУИ) ги викнал полицијата и обвинителот за да ја спречи „изградбата на црквата“.

Тој исто така тврди дека имало и неколку Албанци кои помагале во реставрацијата на црквата бидејќи „религијата е над сè“.

Јавното обвинителство дополни дека работата на црквата е прекината. Полицијата најави дека по насоки на јавен обвинител, полициски екипи денес ќе извршеле увид на лице место со цел да утврдат каков е статусот на објектот и на работата околу црквата.

„Ќе се утврди како и дали во целиот настан воопшто има елементи на кривично дело“, велат од МВР.

Министерството за внатрешни работи најави дека ќе објави соопштение со детален опис на настаните, како и за тоа кои мерки ги презеле.

Преземено од МЕТА

Најново