О2 иницијатива ги објави извештаите за Крива Река во целост: Водата е од петта класа, силно загадена и не смее да се употребува за ништо

Државниот инспекторат за животна средина утврди дека нема цијанид во водата на Крива Река во Крива Паланка, вели директорката на инспекторатот, Ивана Гиновска на денешната прес конференција.

Спротивно на ова Анализите на примероците од водите на Тораничка и Крива Река, земени по излевањето од рудникот Тораница, покажуваат алармантно високи концентрации на штетни материи, соопшти О2 иницијатива на својата Фејсбук страница.

Според нив, примероците земени веднаш по инцидентот, на 14 и 15 март 2025, покажуваат дека водата била од петта категорија – многу загадена и несоодветна за било каква употреба, со концентрации на тешки метали и други токсични материи далеку над максимално дозволените граници.

Според О2 Клучни наоди од анализите се: Во Крива Река, кај село Жидилово, концентрацијата на суспендирани материи била 263 пати над дозволеното, а матноста 17 пати повисока. Во примерокот кај село Узем, кадмиумот бил 22 пати, а оловото 3,7 пати над дозволеното. Во Тораничка Река, близу влезот во рудникот, кадмиумот бил 77 пати, а оловото 5,3 пати повисоко од дозволеното. Примерокот кај Крива Паланка покажал 14 пати повеќе цијаниди, 10,2 пати повеќе олово и 19,2 пати надминување на амониумот.

Од иницијативата истакнуваат дека Државниот инспекторат за животна средина не зел примероци од реките веднаш по инцидентот, што отвора прашања за ефикасноста на институциите.

„Водата во Тораничка и Крива Река на денот на инцидентот била токсична, опасна за живиот свет и неупотреблива за било каква намена. Бараме независно супервештачење на теренот за да се утврди степенот на загаденост и изворот на загадување“, порачуваат од О2 иницијативата.

Митовски: Водата од Крива Река е токсична

Вчера и градоначалникот Сашко Митовски покажа документи кои на барање на риболовното здружение „Мрена“ ,Институтот за јавно здравје Куманово направил испитувања кои даваат сличен резулат како и оние на општината.

Водата во Крива Река е сериозно загадена и спаѓа во најлошата категорија на загадени води, неупотреблива за било која намена, вели Митовски.

„Врз основа на стручното мислење површинската вода спаѓа во V класа согласно Уредбата за класификација на водите заради зголемената содржина на олово . Оваа класа на вода по Уредбата, е многу загадена, хипертрофична вода, која во природна состојба НЕ МОЖЕ да се употребува за ниедна намена. Водата е без пуферен капацитет и нејзината киселост е штетна за многу видови на риби. Нејасно е како од Булмак 2016 тврдат дека загадувањето не е од истекувањето и хаваријата на цевката во рудникот „Тораница“. Имено, согласно А еколошката лиценца која ја поседува „Булмак 2016“ и рудникот Тораница во нивниот процес се користи токму кадмиум, цинк, олово, цијанид и останати соединенија кои се наоѓаат во Крива Река по хаваријата и тоа се гледа во две независни анализи на водите“, вели Сашко Митовски градоначалник на општина Крива Паланка.

Булмак 2016 негира загадување

Директорот на Булмак 2016 вели дека тие не произведуваат манган и кадмиум, а оловото го ваделе. Тврди дека загадувањето не е од рудникот Тораница, а количината што е испуштена откако пукнала цевката е мала и техничка вода. Истекувањето траело половина час, а Крива река во Паланка била заматена повеќе од шест часа, што значи дека заматувањето доаѓа од друго место, објасни во телефонски разговор за Телма, директорот на компанијата Тони Тоневски.

Од риболовното здружение „Мрена“ за Телма велат дека не забележале помор на риби, но не исклучуваат дека тоа може да се случи. Велат дека ако евентуално најдат мртва риба ќе ја пратат на вештачење.

Јавното обвинителство отвори предмет и собира докази со цел да се испита дали има евентуална кривична одговорност при загадувањето на Крива Река од рудникот „Тораница“ чиј концесионер е фирмата „Булмак 2016“ ДООЕЛ Пробиштип. Директорот вели не бил повикан во обвинителство и смета дека градоначалникот е тој кој што треба да биде да даде одговори за паниката која ја создал меѓу граѓаните. Градоначалникот на Крива Паланка поднесе кривична пријава за директорот на Булмак, но таа сеуште не е стигната во обвинителство, а кога ќе стигне ќе биде додадена во предметот, велат од таму.

Зачлени се на нашиот е-билтен