Од дијалогот меѓу две поетеси: Саемите за книги се многу повеќе од само трговија со книги, читателите се создаваат од мали нозе

Саемот на книга е едукативен и културен настан кој дава можност за вмрежување преку негување на врски меѓу авторите, издавачите и читателите. Интересна дискусија меѓу поетесите Емељ Туна и Славица Гаџова Свидерска кои сметаат дека саемите за книги се многу повеќе од само трговија со книги, читателите се создаваат од мали нозе

ЕМЕЉ ТУНА одговара на прашања од Славица Гаџова Свидерска

Славица: Во која мера саемите на книга се значајни за поттикнување на читателските навики?

Емељ: Незаборавни искуства од детството (сопствените и на моето дете). Саемите на книги играат важна улога во поттикнувањето на читателски навики, особено кај децата. Најпрвин преку позитивната асоцијација за саемот како настан со пријатна и интересна атмосфера, која изобилува со многу шарени корици и е збогатена со мирисот на нови книги. Саемите на книги им даваат можност за децата самите да купуваат книги со кои во нивниот дом ќе ги создадават своите, сопствени библиотеки. Овие позитивни асоцијации, поврзани со книгата како нешто забавно, а изградени најчесто во група, можат да ги поттикнат децата да им се навраќаат на книгите кои што самите ги одбрале. Затоа сметам дека саемите на книги се клучен дел од културата на читање и можат да имаат значителен влијание врз развојот на читателските навики кај децата.

Славица:  Какво е значењето на саемот на книга за тебе како автор?

Емељ: Како автор, сметам дека саемите на книги треба најпрвин да обезбедат платформа за прикажување на најновите изданија на авторите, но и да се даде можност да се најдат и нивните претходни наслови. Саемите за книги се многу повеќе од само трговија со книги, туку тие во последните години прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Авторите можат и треба да добијат можност да комуницираат со својата публика, да потпишуваат, да разговараат за нивната работа и да градат односи со своите постоечки и идни читатели.

Славица: Дали саемот на книга доволно ги афирмира македонските автори?

Емељ: Сметам дека секоја година се продлабочува улогата и влијание на Саемот на книга, како дел од заложбите за афирмирање на македонските автори. Забележувам сè поголемо присуството на македонските автори и со нивните дела, но и повеќе промоции на книги што им овозможуваат поголема видливост и дополнителна популарност и пристап до публиката.

СЛАВИЦА ГАЏОВА СВИДЕРСКА одговара на прашањата на Емељ Туна

Емељ: Дали саемите на книга се значајни за издавачите на книги и на кој начин истите се мотивирани да учествуваат?

Славица: Саемите на книга се многу значајни за издавачите, затоа што се работи за настани на кои доаѓаат голем број читатели, што не е случај со „обичните“, денови. Саемот на книга е можност изданијата да бидат видени, разгледани и купени од поголем број читатели. Фрекфенцијата на луѓе е нешто што недостига во книжарниците кај нас, барем во денешно време. Имаше и едни поинакви времиња.

Емељ: Што сметате дека треба да се вклучи како интерактивна активност за саемот да понуди повеќе атрактивни содржини?

Славица: Во време кога сме преплавени со информации и содржини од секаков тип, кога Интернетот стана виртуелен топос со тоталитарна контрола над нашите животи, секако дека и промоциите на книгите и саемите треба да го следат чекорот на новото време. Тоа значи присуство на содржините на Интернет и социјалните медиуми, затоа што „ако не си таму, исто како да не постоиш“. Со оглед на тоа дека визуелното е доминантно во денешната технокултура, сметам дека треба да се „искористи“ како алатка за привлекување на читателите.

Емељ: Како да се поттикне поголемата посетеност на саемот? Дали е подобро саем на книга на отворен или во затворен простор и кој е идеален временски период за истиот?

Славица: За мене, секое време е идеално за купување книга. Саемите можат да се одржуваат во било кое време од годината. Зимските саеми би биле идеални за разбивање на зимската културна хибернација и монотонија, а пролетните саеми, доколку временските услови дозволуваат, може да се одржуваат на отворено, збогатени со соодветна културна програма, како и програма за деца, затоа што читателите се создаваат од мали нозе.

Треба да знаете
Moже да ве интересира