Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Од пластични амбалажи до функционални предмети преку 3Д печатење

Замислете свет во кој пластичниот отпад добива нов живот – преку 3Д печатење!

Оваа иновација овозможува создавање тридимензионални предмети од дигитални модели, отворајќи нови можности за креативност, прецизност и одржливост преку рециклирање на пластика во нови, корисни предмети, до креирање сложени дизајни со неверојатна прецизност.

Во рамки на проектот „Собери, рециклирај, креирај – Од рециклирана пластика до иновација“, Еко-свест набави 3Д печатачи кои ќе се користат за едукација на ученици и млади во училиштата во Вевчани и Октиси и во канцеларијата на Еко-свест во Вевчани.



Проектот е финансиски поддржан од Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд во Северна Македонија (ГЕФ ПМГ).Во рамки на истиот проект, е подготвена брошура на тема „Добивање на филамент за печатач од пет шише“, која ги информира граѓаните за правилно користење на 3Д печатачите и подготовка на филамент од ПЕТ пластични шишиња.

Придобивки од 3Д печатењето

3Д печатачите се моќна алатка за иновации, одржливост и ефикасност. Со нив се создаваат сложени дизајни кои се тешки или невозможни да се изработат со традиционални методи. Тие се идеални за креирање на прототипи и дизајнерски експерименти, а го користат точното количество на материјал потребно за изработка на предметот, со што значително се намалува отпадот. За разлика од традиционалните методи на производство, со нив значително се намалува времето на создавање на предметите.



Користат рециклирани материјали, со што се намалува пластичниот отпад. Се намалуваат трошоците за производство, бидејќи не се користат средства за набавка на алати и калапи.

Рециклирање на пластика преку 3Д печатење

Со помош на екструдер за филамент, старите пластични шишиња можат да се преработат во филамент, односно, во материјал потребен за 3Д печатење. Процесот започнува со сечење на ПЕТ шишињата во ленти, кои потоа се топат и се прават во форма на тенка жица, подготвена за употреба во печатењето. За да се добие висококвалитетен филамент, се користат само чисти ПЕТ шишиња, првенствено од вода. Шишињата мора да бидат исчистени од етикетите и лепакот, а потоа со индустриски фен се израмнуваат сите нерамнини на пластиката. По оваа подготовка, шишињата се подготвени за екструдирање и понатамошно користење во 3Д печатењето.

3Д печатачите функционираат со помош на екран и контролен панел преку кои се управува со параметрите на печатењето.
За подготовка, пред започнување на печатењето се извршуваат следните чекори:

  • Графички се црта 3Д модел на компјутер или се симнува готов 3Д модел на саканиот производ од веб страници.
  • Се калибрира печатачот со цел да се обезбедат правилно подесени оски.
  • Се тестира филаментот за да се утврдат точните параметри за печатење како што се температурата на топење и брзината на екструдирање.
    Со тоа, 3Д печатачот е спремен да започне со печатење. Печатачот го топи филаментот и го истиснува во слоеви со што се формира финалниот предмет. По завршувањето на печатењето, предметите се подложуваат на пост-обработка, која вклучува чистење и фино обликување со помош на клешти или микро брусилица.

Со примена на оваа технологија се прави значаен придонес во заштитата на животната средина преку рециклирање на пластични материјали – придружете ни се и и вие и бидете дел од решението!

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново