Одмазда на Кина за царините: Забранети се сите идни испораки на авиони од Боинг

Кина им нареди на своите авиокомпании да ги прекинат сите идни испораки на авиони од американскиот производител Боинг, како одговор на новите царини што претседателот Доналд Трамп ги воведе на кинеска стока.

Како што пренесува Блумберг, а го потврдуваат извори блиски до кинеската власт, покрај забраната за нови испораки, кинеската влада препорачала и привремено запирање на купувањето авионска опрема и делови од американски компании, со што дополнително се заострува трговскиот конфликт меѓу двете земји.

Одлуката на Пекинг следува откако кинеските власти викендов воведоа одмазднички царини од 125% на американска стока, вклучително и авиони и нивни делови, со што трошоците за увоз на авиони од САД се повеќе од двојно зголемени, правејќи ги неисплатливи за кинеските превозници.

Акциите на Боинг паднаа за 4,6% откако веста беше објавена. Од почетокот на годината, вредноста на акциите е намалена за околу 10%. Како што пренесува Блумберг, компанијата сè уште нема дадено официјален коментар за ситуацијата.

Кина е едно од најважните пазари за Боинг, кој во 2018 година испорачуваше речиси една четвртина од своето производство токму на кинескиот пазар.

Ретки минерали и магнети

Кина го ограничи извозот на ретки минерали и магнети, дозволувајќи го само со посебни извозни дозволи – потег кој потенцијално може да парализира цели сектори на американската индустрија и да ја загрози националната безбедност на САД.

Се отвора клучното прашање: колку брзо Кина може да ја блокира американската автомобилска и технолошка индустрија, заедно со компаниите кои снабдуваат воена опрема – од беспилотни летала и проектили до специјализирани возила и комуникациска опрема?

Според проценките на американските медиуми, залихите на овие клучни суровини се веќе во опаѓање. Компаниите од автомобилската и авионската индустрија, производителите на полупроводници, како и воената индустрија, би можеле да се соочат со сериозни прекини во производството. Особено се загрозени магнетните материјали, неопходни за електрични мотори, роботи, дронови, проектилни системи и сервери за вештачка интелигенција.

„Во рок од 45 дена ќе бидат достапни новите извозни дозволи,“ изјави Мајкл Силвер, директор на American Elements, додавајќи дека неговата компанија навреме ги зголемила резервите, но предупреди дека тоа нема да биде доволно доколку кризата се продлабочи.

Кина има доминантна позиција во овој сектор – таа произведува 60% од светските резерви на ретки минерали и контролира дури 90% од нивната преработка. Според податоци од Геолошкиот институт на САД, Кина снабдува околу 54% од американскиот увоз на германиум – есенцијален материјал за инфрацрвена технологија и оптички влакна.

Дополнително, САД не експлоатираат домашен галиум уште од 1987 година. Овој метал, кој е критичен за индустријата на полупроводници, најчесто се увезува од Кина, Јапонија и Германија. Антимонот, кој се користи во производство на воена опрема и муниција, речиси во целост потекнува од Кина.

Си започна турнеја низ Југоисточна Азија: Трговијата во фокусот на преговорите

Претседателот на Кина, Си Џинпинг, ја започна својата турнеја низ Југоисточна Азија со цел промоција на слободната трговија и претставување на Кина како извор на „стабилност и безбедност“.

Во текот на посетата, тој ќе разговара за унапредување на трговската соработка меѓу Кина и земјите-членки на Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН), пренесува АП.

Официјалните лица во Пекинг наведуваат дека Кина има за цел да ги зајакне економските врски во регионот и да обезбеди стабилност во време на глобални економски тензии предизвикани од новите трговски мерки на САД.

Си беше пречекан во понеделникот во Ханој, каде се сретна со лидерите на Виетнам. Планирано е турнејата да заврши во Камбоџа.

Зачлени се на нашиот е-билтен