Политички контакти, продолжување на соработката, грчка поддршка за нашата ЕУ интеграција, но и потврда за добрите релации кои интензивно се градат во изминатите години, ги карактеризираа односите меѓу Северна Македонија и Грција во изминатата година, јави дописничката на МИА од Атина.
Можеби контактите и средбите на билатерално ниво и да не беа толку интензивни како една година претходно, со оглед на тоа дека 2023 година, беше изборна година во Грција, но и година со низа проблеми за јужниот сосед, сепак односите се на завидно ниво, а билатералните контакти веќе станаа нормални.
Претставници на Владата учествуваа на конференции и форуми, остварија билатерални посети, а и на културно ниво Северна Македонија беше присутна во Грција.
Премиерот Ковачевски на покана на неговиот грчки колега учествуваше на неформалната вечера по повод 20-годишнината од Солунската агенда за ЕУ перспективата на Западен Балкан, вицепремиерот Маричиќ на почетокот на годината и вицепремиерката Грковска во ноември, ја посетија Атина и остварија низа средби, а министерката за одбрана Петровска учествуваше на Меѓународниот саем за одбрана и безбедност DEFEA 2023.
По двојните парламентарни избори во Грција во мај и јуни, немаше промена на власта, со што и политиката како во однос на нашата земја, така и во однос на ЕУ интеграцијата на целиот регион, остана непроменета, а Атина продолжи и продолжува да биде силен поддржувач.
Кусо откако старо-новата грчка Влада положи свечена заклетва и на само четири дена откако доби доверба од Парламентот, премиерите на двете земји, но и шефовите на дипломатиите се сретнаа на маргините на НАТО Самитот во Вилнус.
Ковачевски и Мицотакис, тогаш, разменија мислења за последните случувања во регионот, ги разгледаа билатералните односи и ја реафирмираа волјата за нивно продлабочување.
Промената во Министерството за надворешни работи со заминувањето на Никос Дендиас и доаѓањето на Јоргос Герапетритис, не донесе никакви промени, а новиот шеф на диплматијата, првата средба со неговиот македонски колега ја имаше на НАТО Самитот.
Билатералните односи, Договорот од Преспа и ЕУ перспективата на регионот, беа во фокусот на средбата на Османи и Герапетритис.
Грчката поддршка за ЕУ перспективата на Северна Македонија, како и на целиот регион останува непроменета
Со оглед на тоа што на 21 јуни се навршија 20 години од „Декларацијата од Солун“ донесена на Самитот ЕУ- Западен Балкан за време на грчкото претседателство со Унијата премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис на крајот на август беше домаќин на неформална вечера за лидерите на Западен Балкан и на земјите- членки на ЕУ од регионот, а на која присуствуваше и претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски, но и украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Грчки владини извори тогаш брифираа дека за Атина, 20-годишнината од Самитот во Солун и поканата на грчкиот премиер до лидерите од регионот е можност да се истакне дека Грција е на страната на Западен Балкан и како членка на европското семејство, но и како најголема економија во регионот и ја поддржува ЕУ интеграцијата на сите земји.
Премиерот Ковачевски по неформалната вечера, во разговор со дописничката на МИА од Атина порача дека е потребна храброст и одлучност, а Северна Македонија не смее повеќе да биде во чекалната на ЕУ.
-Најдобра потврда како изгледа чекање, седење во чекална е токму овој состанок овде, бидејќи солунскиот состанок се одржа пред точно 20 години. На солунскиот состанок пред 20 години дел од Западен Балкан беше Хрватска, тој беше Самит -ЕУ со Западен Балкан, а во Западен Балкан беше и Хрватска. Ние со Хрватска заедно ја започнавме зачленувањето, пристапувањето кон ЕУ во 2006 година, истакна премиерот и додаде дека Хрватска сега веќе е членка на ЕУ, членка на Шенген, и земја во која што платежно средство е еврото, „а ние сѐ уште имаме политичари коишто велат дека треба да се чека“.
За неформалната вечера во Атина за поддршка на проширувањето на Унијата, портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис рече дека е иницијатива што уште еднаш ја докажува лидерската улога на Грција како столб на стабилност, мир и енергетска безбедност на Балканот и Југоисточна Европа.
Официјална Атина во секоја прилика ја истакнува поддршката за членството на сите земји во регионот во Европската Унија
За време на Самитот во рамките на Берлинскиот процес во Тирана, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис порача дека „Грција цврсто и непоколебливо ја поддржува пристапната перспектива на Западен Балкан“, но и дека се цврсти поддржувачи на потребата земјите од регионот да се интегрираат во европското семејство.
Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, говорејќи на конференција во септември истакна дека Грција има должност како најстара земја членка на ЕУ да го води регионот кон европска интеграција, што е најбезбеден и најсигурен пат кон мир, стабилност и просперитетот, нешто што е во интерес и на земјите и на регионот и на самата ЕУ.
Заменик-министерката за надворешни работи на Грција Александра Пападопулу, која на позицијата дојде по изборите во јуни, говорејќи за проширувањето на Унијата, на конференцијата „Циклус идеи“ истакна дека Европа не смее да дозволи да има црна дупка, а европската перспектива на Украина и Молдавија да не биде на товар на земјите од Западен Балкан.
Билатерална соработка и размена на искуства во различни области
На министерско ниво претставници на Владата беа во посета на Атина на средба со нивните грчки колеги.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на почетокот на годината се сретна со тогашниот алтернативен министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, а акценот беше ставен на евроинтегративниот процес на Северна Македонија и соработката меѓу двете земји на ова поле и беше потврдена грчката поддршка.
Маричиќ ја посети Атина и по изборите во Грција, во септември кога учествуваше на конференција од Фондацијата за надворешна политика ЕЛИАМЕП, а паралелно оствари и неформална средба со шефот на грчката дипломатија.
Тогаш за МИА рече дека „кога во 2030 година ќе ја чуеме веста дека има нови членки на ЕУ, сакаме Северна Македонија да биде една од тие нови членки“.
Дигитализацијата и борбата против корупцијата беа во фокусот на средбите на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска за време на тридневната работна посета на Атина во ноември кога се сретна со министрите за дигитална политика и правда на Грција, како и со директорката на Националната Агенција за транспарентност.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, вицепремиерката истакна дека се отвори вратата и беше означен почетокот на нова соработка со Грција во конкретните области во нејзина надлежност.
-Одлични средби, одлична размена на искуства и сум презадоволна што има интерес и ми беше понудена соработка буквално од страна на сите. Отворени се и за заеднички проекти и за формирање на заеднички комисии кои што би работеле на одредени прашања како за дигитализација на процесите, така и за антикорупциски политики и соработка на институции кои што се во синџирот институции важни за борбата против корупцијата и организиран криминал, рече Грковска.
За соработката со Грција, меѓутоа во одбранбениот сектор разговараа министеката Славјанка Петровска и нејзиниот тогашен колега Никос Панајотопулос на маргините на Меѓународниот саем за одбрана и безбедност DEFEA 2023 што во мај се одржа во Атина.
На средбата, како што истакна министерката, било констатирано дека соработката во областа на одбрана помеѓу двете држави од 2019 година, „навистина бележи значително подобрување и е на исклучително високо ниво“, а станало збор и за нови перспективи за продлабочување на оваа соработка.
Петровска истакна дека бројни се и вежбите и заедничките активности помеѓу армиите на двете земји како на билатерално ниво, така и со повеќе други држави.
На една таква вежба во близина на Атина присуствуваше и МИА, на отворениот Ден за истакнати гости во рамките на Меѓународната воена вежба „ОРИОН 23“, каде што припадниците на специјалните сили на девет земји меѓу кои и Северна Македонија, ги покажаа нивните вештини, подготвеност и обученост во низа различни сценарија како на копно, така и во вода и воздух.
Соработката меѓу двете земји е на завидно ниво и во енергетиката, со оглед на тоа дека во изминатиот период доста често токму оваа тема е во фокусот на средбите и разговорите меѓу двете земји.
Изградбата на интерконекторот за природен гас е во тек, проект што напредува се очекува, на почетокот на годинава да започне изградбата и да биде завршен на средината на 2025 година.
Компаниите НОМАГАС од Северна Македонија и ДЕСФА од Грција на крајот на октомври постигнаа конечна инвестициска одлука, а еден месец подоцна на официјалната веб-страницата на Европската Унија беше објавен тендерот избор на изведувач за изградба на интерконекторот за природен гас.
Интерконекторот за природен гас меѓу Северна Македонија и Грција предвидено е да биде во должина од 123 километри и да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас.
Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри годишно, а се спроведени и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на водород.
Паралелно со интерконекторот, веројатно е дека повторно ќе почне да функционира нафтоводот Солун- Скопје по десет години неактивност, откако надлежната регулаторна комисија на Северна Македонија дала зелено светло и лиценца за работа, како што откри извршниот директор на грчката компанија „HELLENiQ ENERGY“, Андреас Сиамисис во интервју за „Катимерини“.
Другиот голем проект исто така важен за Северна Македонија е терминалот за природен гас во грчкиот град Александруполи, каде што минатиот месец пристигна пловната единица за складирање и регасификација (FSRU), која ќе снабдува со приоден гас низа држави, меѓу кои и нашата земја.
Македонско присуство на културни настани во Грција
Минатата година делата на авторката Румена Бужаровска и на уметникот Сергеј Андреевски, на посебни настани, во различни градови во Грција беа претставени пред грчката публика, додека пак во Атина започна снимањето на грчкиот филм „Ритам на животот“ во ко-продукција со „Круг филм“ од Скопје.
Интересот во Грција за книгите на Румена Бужаровска, уште еднаш беше потврден во Солун, Атина и на островот Крит, каде што беа промовирани „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ книгите што веќе се преведени на грчки јазик.
Во мај Бужаровска учестуваше на 19-иот Саем на книгата, еден месец подоцна беше во Атина, а веднаш потоа и на вториот Фестивалот на книгата во Ханиа.
„Мојот маж“ е една од најпреведуваните македонски книги објавен на 13 јазици, а преводот на грчки јазик е на професорката Александра Јоаниду, која ја продолжи соработката со Бужаровска и за втората книга, „Не одам никаде“, дела веќе добро познати за грчката читачка публика.
-Едно од најголемите задоволства ми е успехот на моите книги во Грција, бидејќи ги надминува сите националистички приказни и сите болки кои досега сме ги имале, се отвора една љубов, едно вистинско пријателство, гледам дека постои една глад кон тоа да се дознае кој е нивниот северен сосед, истакна Бужаровска за МИА откако нејзините дела беа промовирани во Атина на крајот на јуни.
Свое претставување пред грчката публика имаше и уметникот Сергеј Андреевски, преку неговата прва самостојна изложба „Неизложени дела на хартија“ во солунската општина Каламариа на крајот од април.
Свеченото отворање беше во присуство на голем број посетители, сликарот за МИА изрази задоволство и порача дека „уметноста не познава граници, а нејзиниот јазик е универзален“, меѓутоа, само неколку дена подоцна, изложбата беше на мета на грчките неонацисти.
Група маскирани членови на Златна зора упаднаа на изложбата и објавија видео во кое тврдеа дека „ја запечатија скопската изложба во Каламариа“, упадот наиде на осуда во Грција, а Обвинителството во Солун отвори прелиминарна истрага.
Во писмена изјава до медиумите, Андреевски за инцидентот коментираше дека „политиката се обиде да ја победи уметноста“ и им се заблагодари на оние „кои застанаа на страната на уметноста“.
На страна на уметноста се и режисерите и продукциски куќи како од Северна Македонија и Грција, така и од регионот кои во текот на летото го започнаа снимањето на филмот „Ритам на животот“ во копродукција на „Соул Продукција“ од Грција и „Круг филм“ од Скопје, како и продукциски куќи од Кипар и Црна Гора.
Снимањето на филмот се одвиваше во август оваа година, на повеќе локации, а МИА присуствуваше на сет во додека актерите и целиот тим работеа на долгометражниот филм.
Филмот ја раскажува приказната за младата Лена, 20-годишна девојка која живее во Атина со семејството, работи во локален супермаркет, но поради сиромашниот живот секојдневието и е исполнето со напнатост и сака да започне свој живот, но сѐ ќе се смени кога ќе добие отказ, истовремено дознавајќи дека е бремена.
Режисерката и ко-сценаритстка Америса Баста за МИА рече дека станува збор за приказна што би можела да се случи во секоја балканска земја, бидејќи темата е и универзална и балканска и токму затоа за нив е големо задоволството што филмот се работи во копродукција други земји од регионот.
Филмот е финансиски поддржан од Филмските центри на Грција, Црна Гора и Кипар, како и од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
Пет години од потпишувањето на Договорот од Преспа
Минатата година се одбележаа и пет години од потпишувањето на Договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот проблем меѓу двете земји и се отвори патот за нови перспективи во билатералните односи, договор, кој многумина го сметаат за историски, но и модел за мирно решавање на споровите.
Пет години подоцна, иако Нова демократија, како опозиција беше против Договорот, сега како Влада нејзиниот став е дека има обврска да го почитува, бидејќи станува збор за меѓународен договор.
Во однос на имплементацијата на Договорот, постојат одредени доцнења од грчка страна како што се одржувањето на вториот Совет на високо ниво и ратификацијата на трите меморандуми за соработка во Парламентот.
Согласно договореното, Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете земји, „ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа Спогодба и Акцискиот план кој ќе произлезе од истата”.
Првата и единствена меѓувладина седница беше одржана во Скопје во април 2019 година, при посетата на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, додека пак на втората домаќин треба да биде Грција.
Исто како и Меѓувладината седница, така и ратификацијата на трите меморандуми, но и евентуалните официјални посети кои не се остварија во минатото, остануваат за во иднина, можеби за оваа, можеби за некоја од следните години.
Сања Ристовска
Фото: МИА архива