Романите „Америка“ и „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски преведени на италијански и албански јазик

Новиот роман на македонскиот писател Жарко Кујунџиски деновиве го доживеа своето издание на италијански јазик, во превод на Маријанџела Бјанкофиоре. Книгата од печат излегува паралелно и кај нас во издание на „Антолог“ и во Италија, во издание на издавачката куќа „Besa Muci“.

Романот на Кујунџиски е дел од проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“, кој опфаќа превод, објавување, дистрибуција и маркетинг на седумнаесет книги кои се идеални репрезенти на моќта на разноликоста што владее на најстариот континент, отворајќи тематски сложени прашања: инклузивност, глобално затоплување, меѓусебно разбирање, правична застапеност на жените, еднаквост, преосмислување на личниот и колективниот идентитет, соочување со загубата, активизам и храброст да се биде различен.

-Да замислиме две нешта: Америка да биде личност, а не име на континент и да биде тој, а не таа. Значи, си имаме работа со Америка Берти, триесетгодишен маж чие искуство може да се спакува во џеб од панталони. Едноставен како „извини“ и повлечен како мирно море. Америка Берти, тоа триесетгодишно дете со големо име и со скромни барања. Да вози велосипед наоколу, да лови риба, да игра со своите поќерки и по посетата на поштарот, во осаменост да минува часови со писмата што никој не знае од кого и од каде пристигнуваат. Ајде сега да замислиме дека сме во Италија, од другата страна на Јадранското Море, и некаде меѓу Бриндизи и Монополи е скриено малото Тинтинио, место што го нема на географска карта, но во него гравитираат толку многу уникатни личности што го заслужува вниманието на светот. Кога тие две нешта ќе се спојат – чудните навики на еден интровертен човек и љубопитноста на провинцијата што живее од секојдневниот џагор – се создава дело што го носи шармот на приказните што се паметат цел живот, се вели во најавата на романот.

Преводот на италијански јазик е објавен со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

Жарко Кујунџиски (Скопје, 1980) е македонски романсиер, есеист, драмски автор, поет, преведувач и филмски критичар. Дипломирал во 2003 година, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Бил колумнист во дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, основач и уредник на електронското списание „Репер“ (www.reper.net.mk), копирајтер во маркетинг-агенција и прес-координатор на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ од Битола. Главен уредник е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје. Автор е на 11 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински и на албански јазик. Застапен е во повеќе антологии на македонската проза и поезија. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија The Best European Fiction 2013.

Добитник е на голем број книжевни награди и на една награда за глума. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на македонскиот ПЕН-центар. Романот Spectator е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со осум изданија и досега е преведен на полски и на англиски јазик.

Преведувачката н аиталиојански јазик Маријанџела Бјанкофиоре (1981, Мола ди Бари), дипломирала македонски јазик и книжевност и англоамерикански јазици и книжевности на Универзитетот Л’Ориентале во Неапол, а потоа специјализирала теорија и практика на литературниот превод на Универзитетот во Бари.

Живеела од 2006 до 2017 година во Скопје, предавала на некои универзитети каде што била активно инволвирана во промоција на културни и општествени проекти. Има преведено различни македонски автори како Луан Старова, Олег Дементиенко, Ката Ќулавкова, Драги Михајловски, Александар Прокопиев, Лидија Димковска, Влада Урошевиќ и Жарко Кујунџиски. Преведувала за првата антологија посветена на македонската литература („Македонија. Книжевноста на соништата“) и ја уредила првата „Ромска антологија“. Преведува од македонски, бугарски и од англиски јазик.

Неделава од печат излегува уште еден превод на роман од Кујунџиски на странски јазик. Со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија читателите ќе може да ја читаат „Сфинга на гневот“ на албански јазик. Романот беше македонски кандидат за наградата „Балканика“ за 2021 година, а на албански го преведе Бесник Емини.

Треба да знаете
Moже да ве интересира