Шефицата на ЕУ дипломатијата, Каја Калас, на 23 мај ќе пристигне во Македонија и ќе се сретне со Мицкоски, со младите и со студентите, во Србија денеска таа ќе разговара со Вучиќ, Макута, студентите и граѓанскиот сектор и во Приштина со политичките партии и граѓанското општество.
Каја Калас, високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија, е во својата втора посета на Западен Балкан по преземањето на функцијата, а од 21 до 23 мај ќе ги посети Србија, Косово и Македонија, објави Службата за надворешна политика на ЕУ (ЕЕАС).
За време на престојот во Србија, на 22 мај, Калас ќе разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот Ѓуро Макута, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, министерот за евроинтеграции Немања Старовиќ, претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ и претставници на парламентарната опозиција.
Предвидена е нејзина средба со студенти и претставници на граѓанскиот сектор, а прес-конференцијата е закажана за 13 часот и 15 минути.
Посета на Приштина и Скопје
За време на престојот во Косово, Калас ќе разговара со претставници на политичките партии и граѓанското општество, а потоа ќе има средби со мисијата ЕУЛЕКС и командантот на КФОР Енрико Бардуани.
За време на престојот во Македонија, првата средба на Каја Калас ќе биде со премиерот Христијан Мицкоски на 23 мај, со кој ќе одржи заедничка прес-конференција.
Калас треба да го отвори и првиот состанок на Дијалогот за одбрана и безбедност на ЕУ и Северна Македонија и да ја посети Организацијата на Балканската медицинска единица во присуство на министерот за одбрана Влад0 Мисајловски.
Калас ќе разговара со младите и студентите во Скопје, со што ќе ја заврши нејзината посета на регионот, додаваат од ЕЕАС.