Зоран Д., службеник во Народната банка на Република Северна Македонија, се соочува со обвинение за помагање на сторител по извршено кривично дело, откако Обвинителството го поврза со прикривањето на пиштолот што, според обвинението, бил користен во убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. По 24-часовен распит полицијата ги презентираше наодите пред судот, кој му одреди мерки на претпазливост додека трае истрагата. Паралелно биле извршени претреси на две локации, но мистериозниот „син ранец“ и натаму не е пронајден.
Според Обвинителството, Зоран Д. делувал по инструкции од првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо. Тој наводно влегол во просториите на партијата Десна, го презел ранецот со пиштолот и комуникациските уреди на осомничените и ги изнел од таму, со што им помогнал да избегнат откривање. Кривичното дело за кое се товари носи и казна доживотен затвор.
Адвокатот Звонко Давидовиќ објаснува дека, доколку ранецот и оружјето бидат пронајдени, МВР може лесно да утврди дали пиштолот бил употребен за убиствата преку балистички вештачења и ДНК-траги. „Имаме стручни служби за материјални докази; доколку трагите се совпаѓаат, може да се потврди присуство на определени лица на местото на настанот“, вели тој.
Адвокатот Јанаки Митровски посочува дека мотивот сè уште останува неразјаснет, но тоа не ја доведува во прашање законитоста на евентуалната пресуда, бидејќи постојат „време, место и начин“ на извршување на делото. Тој потсетува дека Палевски побарал ослободителна пресуда, но, како што вели Митровски, „сам се заглави“ со тврдења за алиби што не успеал да ги докаже.
Од Обвинителството нагласуваат дека предметот против Зоран Д. е одвоен и нема да влијае врз главниот процес за убиствата, во кој по објавувањето на завршните зборови останува само судот да ја изрече пресудата. Објавата е закажана за среда.