Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Со обезбедените средства за адаптација, старото училиште во Љубојно прераснува во Центар за промоција на македонскиот јазик

Овој значаен објект, каде што се одвивала настава на македонски јазик, ќе стане собиралиште на лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик и да остане како паметник за генерациите по нас

Старото училиште ,,Димитар Влахов” во преспанското село Љубојно ќе се реконструира и ќе се адапира со 32,8 милиони денари од буџетот на Министерството за култура кои ќе бидат обезбедени во 2024 и во 2025 година.

Министерството за култура, заедно со Владата и Завод и музеј Битола, презеле обврска старото училиште во Љубојно да биде обновено и да се ревитализира во чест на македонските дејци и во спомен на сите просветни работници.

-Во две буџетски години ќе биде обновено местото кое е темел на нашиот културен и национален идентитет. Идејата е овој значаен објект, каде што се одвивала настава на македонски јазик, да стане собиралиште на лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик и да остане како паметник за генерациите по нас, дека темелите на ова здание се всушност историски темели на образованието на мајчин, македонски јазик, столбот на нашиот идентитет, наведува Министерството за култура.

Старото училиште е во режим на заштита од 2020 година како дел од споменичната целина Љубојно. По неговото автентично обновување, овој монументален објект ќе биде Центар за промоција на македонскиот јазик.

За проектот, кој го реализира Завод и музеј Битола, во 2024 година се обезбедени 20 милиони денари, во 2025 година се проектирани 12.8 милиони денари.

Во периодот што следува, по заокружувањето на преостанатите административни процедури, надлежната установа ќе спроведе постапка за доделување договор за јавна набавка за реконструкција и адаптација на објектот.

Од Министерството наведуваат дека Завод и музеј Битола во изминатиот период ги презеде сите неопходни чекори за реализација на овој значаен проект, односно беа изработени Геодетскиот елаборат и Урбанистичко-архитектонскиот проект, чијшто составен дел беше Идејниот проект за објектот во село Љубојно. Во текот на оваа година се работеше на Основниот проект, кој по неговото комплетирање и реализација на сите ревидентски фази, беше испратен до Управата за заштита на културно наследство за добивање конзерваторско одобрение.

Треба да знаете
Moже да ве интересира