Советникот на Сиљановска: Владата треба да има план да ги раскине или модифицира договорите со Грција и Бугарија

Фото: ТВ24

Жидас Даскаловски, еден од советниците на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, повикува државата да го раскине Преспанскиот договор со Грција, како и Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Заветна, горда Македонија беше повик за акција кој досега го немаше. Преспанскиот договор е неодржлив за нас Македонците. За да го раскине, Владата треба да има и план и моќ тоа да го стори, или во најмала рака да се договори со Грција за негово модифицирање со, на пример користење на Република Македонија дома, но и надвор (би било значи Republic of Makedonija)“ повикува Даскаловски во неговото интервју за МКД.мк.

Тој додава дека има повеќе механизми за раскинување на договорот, но дека е потребен план за да може владата да се справи со реакциите потоа.

„Механизми има многу, но треба да се предвиди наредниот чекор. Која ќе биде американската, руската, кинеската, ЕУ реакција? Што со Грција, што ќе стори Атина? Во ова бурно време, што ако ја затворат границата? Изградивме пруга до Драч? Имаме железница до Бугарија? Ако не излеземе на трите мориња плус Медитеранот, четири, ако немаме свои ресурси во земјоделство, храна, ако немаме сигурни достави на енергенси, ние ќе колабираме под грчко ембарго“ вели Даскаловски.

Тој додава дека слично е неговото мислење и за раскинување на Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Слично е моето мислење и за договорот со Бугарија. Или ако собереме моќ, ќе го поништиме или во разумен договор со Софија и Брисел ќе го модифицираме“ повикува Даскаловски.

Даскаловски е еден од најблиските луѓе на претседателката Сиљановска-Давкова, кој ја советува претседателката за надворешна политика, па ваквите повици на Даскаловски ги отвораат прашањата дали и претседателката се залага за раскинување на договорите со Грција и Бугарија, од кои зависи европската иднина на државата, но и односите со САД.

Зачлени се на нашиот е-билтен